Професорката Секирарска: Децата не сакаат да бидат во училиште и да учат

На сета љубов за децата, не изложуваат на рафална стрелба од сите оружја

by Fokus

Бурно е деновиве во образовниот систем во Македонија, откако се носеа одлуки за штрајкот на СОНК, кој го крена гласот за повисоки плати на наставниците ширум земјава. Штрајкот е ставен во мирување, а некои наставници сепак повторно излегоа на протест, незадоволни од одлуката на СОНК за прекин на штрајкот.

Професорката од СОУ „Перо Наков“ од Куманово, Елизабета Секирарска во разговор за „Фокус“ говореше за состојбите во образованието, потенцирајќи дека правата на просветните работници мора да се почитуваат.

„Секој просветен работник, кој живее ЗА професија ОД која не може да живее, најдобро знае што е она заради кое го крева својот глас. Оправдувањето на штрајкот и вклучувањето во него се подразбира тогаш кога нештата стануваат премногу за некој кој на плеќите ја носи најблагородната професија, а предолго е маргинализиран, омаловажен и исправен пред бројни деформации од сите видови. Сосема неправедно е позиционирано барањето за повисоки плати како единствениот пункт заради кој се кренавме.

 

Ова е револт во името на правата на просветарите, врзани со Колективниот договор кој не е ревидиран повеќе од една деценија. Многу нешта не се во ред и тоа многу долго време. Нашиот револт е резултат на предолгото деформирање на најсуштествената сфера со бројни „зафати“ кои се реализираат без анализа на нивните ефекти на терен, со неводење сметка за соодносот на миниманата плата и коефициентот на сложеноста на работната позиција“, го започна разоговот Секирарска.

На сета работа, на сиот труд, на сета љубов за децата која не се забележува, а уште помалку признава, постојано сме на удар на сите оние кои имаат што да кажат за нашата работа, кои генерализираат и кои наместо да се со нас, затоа што само тоа заедништво е во инетерс на децата, со невидена леснотија не изложуваат на рафална стрелба од сите оружја, разочарувачки додава таа.

И покрај желбата на средношколците да се вратат во училиште, Секирарска вели дека децата всушност не го сакаат тоа, а за тоа сведочат повеќе податоци.

„Секој учител сфаќа дека деновите минати во штрајк се загуба за сите, не само за децата. Но она со што го завршам ова прашање е следново: децата не сакаат да бидат во училиштето. Секојдневно броиме многу изостаноци, свесни дека родителот ќе застане зад нив иако нема простор за оправдување. Децата не сакаат да учат.

 

Сфаќаат за жал, дека има се помалку потреба од тоа. Училиштето не е веќе одамна локација каде се среќни и која им е предизвик – причините за тоа се длабоки и бројни и треба да се тема на посебна дискусија – онаа која за жал, никогаш не се води, а е најважната. Училиштето не е само лекции. Постојат и насоки кои детето ги учи и кога не е во него, а кои во животот ќе му бидат водилки – борба за почит и достоинство“, смета нашата соговорничка.

Македонија веќе подолго време има проблеми со образовниот систем, а различните тестирања на учениците и средношколците не покажуваат позитивни резултати веќе подолго време. Како држава, никако не успеваме да го кренеме образованието на едно повисоко ниво.

„Образованието постојано и предолго е на маргините, наместо на првата линија по важност. Не може да биде логично тоа што во образованието преовладува формата наместо содржината, преовладуваат реформи кои постојано, со децении имаат потешкотии со имплементацијата затоа што се избрзани и недоволно обмислени. Не може да биде логично и тоа што клучниот имплементатор на секој зафат и оној кој најдобро знае како се постапува во училницата, не се вклучува во зафатите кои истата ја дефинираат.

 

Не е логично и тоа што, како што многупати сум споменала досега, се дозволува менување на министри за образование со една толку страшна динамика – 19 за трите децении, што значи секој од нив ја уредува сферата помалку од две години и за резултат има само едно: постојано почнување од почеток, кој никако да стаса до крајот“, анализира професорката.

Но, дали состојбите од минатото биле подобри или полоши од сегашните услови кои ги имаат просветните работници во нашата држава?

„Сите паметиме време кога учителот бил институција, родителот соработник, а детето активен субјект кој знае зошто е во училницата и што треба да прави таму. Ако зборуваме за материјално-техничките услови, секако дека во минатото беа послаби во однос на денешните можности. Денес имаме компјутери, смарт табли, можност за пристап до море информации.

 

Но од друга страна, она што денес недостасува е онаа емоција, оној ентузијазам заради кои учителот бил препознаен како субјект кој заслужува почит и од кој сте можеле да учите и научите не само она што го предава, туку и она што е тој самиот – олицетворение на труд, напор, упорност и љубов кон децата. Многу нешта придонесуваат за дефинирањето на сегашната атмосфера за работа за  нас  и за децата, но она што е заеднички именител е секако силната демотивираност, со извор кој е видлив –  ако се сака да се здогледа и да се признае“, истакна таа.

Со текот на годините, се менуваат и генерациите во училишните клупи, што е нормално, во време кога сме опкружени со интернет технологија. Сепак, целото општество мора да се труди околу правилниот развој на најмладите генерации.

„Децата во модерново време не се исти како децата кои ги паметиме низ годините наназад. Еден руиниран систем не се санира со мерки за разубавување, што постојано се случува. Потребен е суштествен, длабок рез кој ќе ги отстрани сите малигнитети, за да сите можеме да се зафатиме со здравото ткиво.

 

Децата и нивното однесување, такво какво што е,  е само последица – причините се на друго место. Во немоќ да ги посочиме, најчесто децата ги дефинираме како нетрпеливи, невоспитани, дрски, несоцијализирани, заборавајќи притоа да признаеме дека децата се наше огледало. Во своето однесување го гледаат нашиот лик и тоа не може да се смени ако како надлежни, како родители и како учители, не станеме подобри“, го заврши разговорот Секирарска.

После долги преговори и носење на еден куп одлуки, СОНК пред два дена одлучи да го стави штрајкот во мирување, а дел од наставниците побараа оставка на првиот човек на СОНК, Јаким Неделков.

Фото – УНИЦЕФ

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости