Текстот е објавен на 10-ти јуни 2016-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 1079
Ненад Новковски, актуелен професор, поранешен министер за образование, освен за состојбите во УКИМ и за полицискиот упад на Економскиот факултет, во интервјуто зборува и за општествената криза во која е Македонија. Смета дека експертска влада може да направи силен рез во општеството, а очекува дека местото на ВМРО-ДПМНЕ ќе го заземе нова политичка опција. Очекува професорите да одиграат важна улога во идните случувања.
„Ако професорите, ректорите, се подвиткуваат, ако замолчуваат, ако замижуваат, и ним утре ќе им се случи истото. Велат не знаеме кај имало упад, на северниот пол ли се случило. Ќе бидат и лично загрозени, ако ваква власт опстои“, вели Новковски, кој неодамна се кандидираше за нов ректор на Универзитетот „Кирил и Методиј“.
Разговараше
Младен ЧАДИКОВСКИ
ФОКУС: Универзитетот е повторно топ тема по акција на ОЈО на Економскиот факултет, го сметате ли ова како дел од притисокот на власта во образованието или акцијата за откривање корупција на факултетите е биде легитимна цел на секоја власт?
НОВКОВСКИ: Гонење на корупција е легитимна цел на секоја власт, но она што се случи далеку ги надминува легитимните цели на една таква акција. Како прво беше повреден грубо просторот на универзитетот што воопшто немаше потреба да се направи, можеше луѓето што се предмет на истрага да се повикаат на друго место. Намерата беше да се покаже сила, да се заплашат луѓето дека може лошо да поминат.
Најголемите проблеми што ги имаше оваа власт беа со академската фела и тоа најмногу со студентите. Студентите од Студентски пленум излегоа со јасни и чисти ставови и погледи, и тоа ја загрижи власта и затоа сакаа со вооружени лица да влезат на универзитет и да покажат дека ако сакаат можат да употребат голема сила. Не држи изјавата дека не била нарушена автономијата зошто бил информиран ректорот. Таква сила се употребува за терористичка закана, а не за истрага за вакви дела.
ФОКУС: Не мислите ли дека помина времето во Македонија на демонстрирање сила, се покажа изминатава година дека таа сила губи од својот интензитет…
НОВКОВСКИ: Не е така, гледате вчера кандидатите за ректори не сакаа да кажат ниту збор за ова. Значи таа сила покажала нешто, токму за оние луѓе што на некој начин имаат путер на главата. На овој начин добиле посредна закана, дека ако не се послушни ќе поминат на истиот начин. Има такви лица, кои соработувале со оваа мафијашка власт и сега се обврзани да слушаат. Ова беше за нив насочено.
ФОКУС: Се добива впечаток дека акцијата беше темпирана во време кога Иванов објави дека ја повлекува аболицијата…
НОВКОВСКИ:Сите активности беа темпирани. Аболицијата, доаѓањето на Хајндл. Па, видете Груевски не беше воопшто весел кога разговараше со него. Сакаа да покажат дека нешто прават за да ги мотивираат своите приврзаници, но уште повеќе да пратат порака за своите послушници што ги имаат инсталирано.
НАЈВИСОКАТА КОРУПЦИЈА ДОАЃА ОД ПРЕМИЕРСКИОТ КАБИНЕТ
ФОКУС: Сепак перцепцијата за корупцијата на универзитетите во Македонија е висока, дали за ова се виновни професорите или власта?
НОВКОВСКИ: И едните и другите. Универзитетот треба да пример за највисоко морална дејност. Не треба да е прифатлива корупција и во најмал вид. Перцепцијата во огромна мера е потхранета со предрасудите и активното однесување на власта. Владата плаќаше кампањи да го осуди високото образование. Потроши огромни пари за своите агенции, преку корупција осудуваше корупција. Но, ние не видовме дека имаше кампањи за осуда на криминалот во премиерските редови. А се знае каде е највисоката корупција. Ако сака некој да се бори со корупцијата, треба да тргне од премиерите. Тоа што беа ставани во прв план професорите и докторите имаше цел да ја зголеми перцепцијата за корупција во овие сектори, со цел да се оттргне вниманието од корупцијата во врвот на власта.
ФОКУС: Го делите ли мислењето дека во исто време се создаде хаос во високото образование, се отворија многубројни факултети, а во исто време се зборуваше дека партиски апаратчици завршија како професори со сомнителни дипломи?
НОВКОВСКИ: Имаше во основа правилна постапка на отворање универзитети, но доби лоша форма. Покрај отворањето дисперзирани студии, што немаше никаква смисла, се направи упад со инсталирање партиски апаратчици, и тоа не само кај професорите. Во УГД Штип се инсталираа груби послушници и во техничкиот персонал, секретарки, чувари и слично. Има многу повеќе технички персонал од професори и асистенти заедно, а треба да е обратно. Треба да е 4 спрема еден, а таму има еднаков број. Имаше многу информации за фалсификувани дипломи, тоа е постапка што треба да се покрене.
ФОКУС: Се зборуваше за дипломи од Украина…
НОВКОВСКИ: Да така беше, но докрај не се истражи. Новинарите прашуваа, беа подготвувани, но некој спречи ова да ја види светлината на денот.
НА НОВИТЕ УНИВЕРЗИТЕТИ ЌЕ ЗГРИЖУВААТ КРИМИНАЛЦИ
ФОКУС: Во Собранието сѐ уште актуелна тема која е заглавена на матичната комисија е новиот универзитет „Дамјан Груев“, а зелено светло веќе доби универзитетот „Мајка Тереза“. Дали ова е преоптоварување на системот или поконкретно директна конкуренција на УКИМ во услови кога во земјава веќе постојат 5 државни и 11 приватни универзитети?
НОВКОВСКИ: Ова е огромно оптоварување на образовниот систем и обид да се нанесе удар врз УКИМ. Немаше потреба за нови универзитети. Веќе има еден државен на албански јазик, а постои и Штуловиот универзитет, тие требаше да се спојат и да се добие на квалитет.
Новите универзитети служат да се задуши УКИМ, бидејќи тука сите сакаат да студираат поради квалитетот. Не само Македонци, туку и Албанци.
„Даме Груев“ има и друга функција. Една од намерите е дел од кадарот што беше вклучен во ова најголемо кршење на човековите права, во прислушувањето, да ги направат професори кои потоа ќе бидат заштитени со академскиот имунитет во рамки на универзитет, па некој утре ако се обиде да ги гони ќе се повикуваат на автономијата.
ФОКУС: Тоа што сега не го почитуваат на УКИМ?
НОВКОВСКИ: Да, тогаш ќе велат, па и вие се буневте, ќе речат „не смеат да ни ја нарушуваат автономијата да гонат професори“. А јасно е дека тоа не се никакви професори. Им дозволуваат да работат иако немаат квалификации. Тоа така не може, законски услов е да бидат доктори на науки за да бидат професори.
ФОКУС: Функцијата ректор треба да ја заштити автономијата на Универзитетот, да ги менаџира финансиите кои ја гарантираат таа автономија, да го среди редот во делот на вработувањата и напредокот во звања за академската заедница. Како го оценувате досегашното работење на ректорот апропо вашата кандидатура за прв човек на УКИМ ?
НОВКОВСКИ: Имаме концепциски разидувања, не само со оваа гарнитура, овде некои ја сфаќаат автономијата во средновековна смисла. И со професорот Фрчкоски сме имале разидувања. Современата автономија е автономија на професорите, а не на ректорите. Еве гледаме до каде нѐ доведе автономијата на ректорите. Професорите се безгласни букви. Современата автономија се потпира на професорот од кој извира целата моќ на универзитетот, а ректорот е тој што ги застапува, привлекува средства, ја претставува академската заедница. Во министерства, во меѓународни фондации, и како таква фигура тој е посилен од министер за образование. Да најде фондови што ќе се искористат за напредок на општеството. Само УКИМ може да обезбеди врв во науката и образованието доколку се обезбедат ресурси. Потоа ќе дојдат резултатите. Сега имаме принцип, некој бара резултат, а не дава пари. Можете да отидете на пазар и да речете дајте ми ги најдобрите домати за десет денари?! Не може. Некој треба да ги побара, да аргументира, а не да вели дека државата нема пари, снаоѓајте се. Може да се унапреди целиот процес, само треба концентрирано знаење. Како што прават просперитетни држави, Швајцарија, Тајван, Јужна Кореја.
ФОКУС: Но, како да се постигне тоа во услови на силни партиски стеги?
НОВКОВСКИ: Јас се гледам во таа улога. Потребна е силна личност, мене не можат да ми вршат притисоци, не ми се врзани рацете, како на најголем дел од другите. Јас сум длабоко навлезен во науката, имам повеќе трудови од сите кандидати за ректор, работам во најударни истражувања во нано-технологијата, немам проблем со високи температури, со работа со агресивни хемикалии, опасни експлозивни гасови, отровни гасови, со хлороводородна киселина од кои и една капка е опасна, со најсофистицирана опрема со поставување инсталации, со најсложени пресметки, со работа на секој план во поглед на организацијата, а тоа значи менаџирање на средства, правни процедури, преговори со меѓународни институции.
Сум преговарал со тешкаши како Ле Роа, со директори во Светска банка, во визијата за развој на високото образование, привлекувавме големи средства. Со мојата одлучност и ова искуство во негувањето на тимската работа, преку тоа ќе придонесам да тргне УКИМ во вистинската насока. Кај нас не е само проблем што власта е насилна, туку проблем е што не добива соодветен одговор од академската заедница. Кога ректорот и луѓето околу него тоа би го правеле, тогаш власта на поинаков начин ќе се постави, нема да дава директиви, туку ќе слуша што кажува ректорот и професорите.
БОРБАТА ЗА РЕКТОР ЌЕ БИДЕ ТЕШКА, АМА ПОБЕДАТА ПОСЛАТКА
ФОКУС: Очекувате ли изборот да биде фер, во една ваква слика, ако се земе предвид фактот дека на ден пред изборите случајно или намерно стигнаа уште шест апликации?
НОВКОВСКИ: Не очекувам, мислам дека ќе биде нечесна борбата, ќе има подметнувања, но јас сметам дека исто како и во работата, ќе преовладее квалитетот. Луѓето ќе се освестат. Овие апсења треба да бидат пример и во друга насока. Нема компромис со една власт што не работи принципиелно и чесно. Ако професорите, ректорите, се подвиткуваат, ако замолчуваат, ако замижуваат, и ним ќе им се случи утре истото. Велат не знаеме кај имало упад, на северниот пол ли се случило. Ќе бидат и лично загрозени ако ваква власт опстои. Први ќе бидат на удар. Затоа мора да допуштат да се направи соодветната промена.
ФОКУС: Досегашната пракса покажа дека има избори спроведени по нарачка без да се задоволат критериумите пропишани од Сенатот, а меѓу другото има најава во сегашниот избор, да гласаат нелегитимни претставници на Студентскиот парламент кој е со истечен мандат?
НОВКОВСКИ: Тоа ќе биде така, борбата ќе биде тешка, но и победата ќе биде поголема, како што велат Лаконците. Самите ќе се заглават ако продолжат со трули компромиси. Сите други кандидати се всушност поврзани со актуелната власт, и ако сакаат да направат добро за УКИМ, треба да се повлечат.
ФОКУС: Разговарав со повеќемина ваши колеги има индиции дека изборот за прв човек на УКИМ е веќе познат и се лобира на факултетите односно на членовите во Сенатот да се подржи еден од кандидатите. Запознаен ли сте со ова?
НОВКОВСКИ: Не мора да имам информации за да знам што се работи. Без да ми кажат, јас гледам како ги бираат сенаторите, кој со кого разговара и јасна ми е шемата. Се прави ситуација да се донесе до двајца кандидати, од кои едниот ќе биде спотер, како покритие за изборот. Но, има и внатре многу луѓе што размислуваат поинаку, на тоа се надевам.
ФОКУС: Дали образованието е реперкусија на политичкиот систем, обид за создавање полтрони место индивидуи?
НОВКОВСКИ: Овде ќе биде токму тоа, дали успеавме да го скршиме столбот на полтронството и да ја поставиме индивидуата или не успеавме. Сега е моментот. Ако не успееме многу долго како фела ќе останеме на слеп колосек.
ФОКУС: Честото менување на Законот за високо образование (16 пати) направи хаос во високото образование. Законот и сега е заглавен на работни групи. Намерно или од незнаење се прави ова?
НОВКОВСКИ: Повеќе од незнаење и клиентелизам, затоа што, колку што гледам јас, власта и нема претстава што прави. Главните подметнувања беа од кругови од универзитетот. Во првиот случај тоа беа професори од Правниот факултет, а во вториот од факултетот Хемија, каде што преку нивни човек во Министерство за образование протнаа закон кој власта не го ни разбира. Се работи за внатрешни проблеми, за луѓе на универзитети со свои интереси. На пример за да се обезбеди на еден ваш колега, на негов универзитет да се најдат професори без квалификација, се вметна член дека клинички професор може да биде без докторат.
Такво нешто не постои никаде во светот. Постојат клинички професори, но се однесува на клинички предмети, на медицински и на технички дисциплини, каде што тој професор не навлегува во подлабоки научни проблематики, туку главно ги организира практичните делови од наставата. Но, во секој случај професор мора да има докторат. Овде беше направено за да вработат професори без докторат на редовни предмети, под велот на клинички професор. Имаше и други работи. За да потрошат пари за порталот „енаука“, ставија член во законот дека за секој професор што нема да даде податоци, ќе има глоби. Тоа не може така, но власта имаше одврзани раце да носи и по 100 закони на ден и тие носеа, по нарачка, за да задоволуваат свои кадри.
ЕКСПЕРТСКА ВЛАДА МОЖЕ И МОРА ДА НАПРАВИ СИЛЕН РЕЗ
ФОКУС: Политички сте активен преку Фродем, дали во политичка смисла сето ова што се случуваше изминативе две години, од протестите на студентите до Шарената револуција може да донесе општествени промени?
НОВКОВСКИ: Да ве исправам, јас сум општествено активен, политички сум пасивен. ФРОДЕМ е здружение кое настојува да ги мобилизира прогресивните сили за решавање на општествените прашања.
Студентите многу свесно постапија, и тоа ме радува дека има здрави интелектуални сили што можат да придонесат за развој на општеството. Тоа значи дека универзитетите сѐ уште произведуваат прогресивни сили. Ќе има нови политички сили, мора да се случи тоа. Клучен е проблемот во Македонија, нотиран и до Брисел, за разделувачката општествена култура, неоснована поделба, без да се прав разлика меѓу индивидуите и нивните постигнувања. Тоа мора да се надмине, но мора да се создадат вистински политички сили кои ќе го ценат интегритетот на поединецот, професионалноста, кои така ќе постапуваат во управувањето на државата, не да го поставиме тој што ќе нѐ слуша, туку тој што најдобро ќе ја води државата или институцијата.
Тоа е иднината и очекувам тоа да се случи набргу. Мојата заложба да бидам ректор е во таа смисла. Ако се случи да не бидам ректор, имам што да кажам во политиката, но во овој момент енергијата ми е насочена во универзитетот. УКИМ да се врати на колосек и јас да ја посветам енергијата на кревањето на овој општествен столб. Здрав универзитет многу повеќе ќе помогне на општеството отколку самите промени во партиите.
ФОКУС: Очекувате ли во политичка смисла, на среден рок промени во владата, дали тоа ќе биде можно преку избори?
НОВКОВСКИ: Не се создадени условите, посебно кога ќе го видите избирачкиот список. Вчера министерот за надворешни изјави дека нема проблеми во списокот, само чекаат СДСМ тоа да го потврди. Тоа е смешно. Дури и да го потврди СДСМ, јасно е дека списокот не вреди. Тоа се физички факти. Мора да се исчисти. Матен е. Додека тоа не се направи и не се расчисти состојбата во медиумите, не може ни да има избори. Потоа може да зборуваме за избори кои ќе донесат суштински промени во демократијата, по кои ништо нема да биде исто. Да се стават работите на свое место.
ФОКУС: Што во меѓувреме?
НОВКОВСКИ: Потенцирав дека ни е потребен овој период за експертска влада која ќе може да расчисти простор за политичките влади, да расчисти со клиентелизмот, да ги ослободи од баластот, има измислени агенции, пари кои се собираат по различни основи, а ниедна политичка влада од тоа нема да се откаже, затоа што ќе сакаат да влезат на нивно место, тие да ги раководат парите. Само таква влада може да направи силен засек, да се тргне со таква основа.
ФОКУС: Но, се чини дека за 3 до 6 месеци таква влада не би успеала да ги направи сите овие работи за кои зборувате…
НОВКОВСКИ: Би можело, токму во кус мандат, да се направи силен рез. Нели власта се гордее со античка Македонија, па Александар го пресекол гордиевиот јазол со еден меч, така и сега ќе направиме. Има еден куп акти, законски, подзаконски што може да се укинат, да се отфрлат агенции, да се избркаат од работа илјадници советници кои дошле таму само за да земаат плата.
ФОКУС: Но, се чини дека ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту СДСМ нема намера да дозволи експертска влада…
НОВКОВСКИ: Проблемот е во клиентелизмот. Многумина се борат само да ги преземат тие неоправдани функции. Многумина чекаат само да дојдат на тие места, очекуваат поддршка од партиската база. Затоа не може политичка влада да направи рез. Може само експертска.
ВМРО-ДПМНЕ Е МЕТАСТАЗИРАНА ПАРТИЈА
ФОКУС: Каде го гледате ФРОДЕМ?
НОВКОВСКИ: ФРОДЕМ може да ја замени ВМРО-ДПМНЕ, која сега е во распаѓање. Имаше шанси таа партија да се среди, но сега веќе е доцна. Целото тело е метастазирано, немаше отпор против криминалните дејствувања, против злосторничките здружувања, против слободата и изборите, таму не се роди никаков отпор, и нема виталност. Не се почитуваат основните принципи на демохристијанството. Доколку ФРОДЕМ настапи како што треба, тоа може да биде замена на оваа опција, да биде нова доминантна политичка сила на конзервативната христијанско- демократска опција.
ФОКУС: Веројатно и други групации пледираат на заземањето на просторот кој сега го држи ВМРО, дали тоа значи дека неминовно е едно десничарско здружување?
НОВКОВСКИ: Да, тоа ќе биде неминовно, но клучно е да не бидат преземани оние делови од ВМРО ДПМНЕ кои се веќе метастазирани. С ѐ што е здраво, што ја штити опцијата на слобода и правда, треба да се здружи. Во структурата на вработените, па и во партијата, се разбира дека има професионалност и тие луѓе нормално треба да продолжат, а да се отфрли сѐ што значи клиентелизам.
ФОКУС: Каде во ова здружување го гледате Љубе Бошкоски? Околу неговото име речиси постојано се создава култ?
НОВКОВСКИ: Апсолутно гледам дека тој треба да биде дел од една таква опција, нова сила што ќе се создаде.
ГРУЕВСКИ ГО УРИВА МАКЕДОНСКИОТ НАЦИОНАЛЕН ИДЕНТИТЕТ
ФОКУС: Зошто мислите дека УКИМ е трн во окото на Груевски?
НОВКОВСКИ: Иако се прогласуваат за патриоти, тие се најголемите уништувачи на националниот идентитет. УКИМ е еден од главните столбови на македонскиот национален идентитет, во него е концентрирано знаењето. Меѓународната претстава за Македонија е УКИМ. Ако погледнете надвор во релевантни извори, ќе најдете трудови од УКИМ, таму се зборува за Македонија. Тоа е идентитетот, науката, а не гипсените плочи. Со стиропорот само ни се подбиваат, а она што навистина нѐ претставува надвор е академската активност. Затоа и науката настојуваат да ја уништат, нема научни проекти со години, за да не може да се манифестира надвор македонскиот идентитет.
ФОКУС: Мислите дека им пречи што некои важат за поголеми Македонци од нив?
НОВКОВСКИ: Не, тие лажно се претставуваат за Македонци. Не сакаат Македонци. Ако се патриоти, прво ќе се погрижат за науката во високото образование. Нели се повикуваат на античка Македонија. Филип е препознатлив по тоа што давал тони злато и жито на Аристотел, за да може да твори. Најголемите достигнувања во тоа време во физиката, во техниката се од Аристотел, кој добивал пари од македонскиот цар. Нашиве „владетели“ за физиката не дадоа да се купи ни еден мерен инструмент за 8 години, што значи дека тие не ја поддржуваат македонската кауза. Само ја срамат државата како банана држава, и со тоа го уриваат нашиот национален идентитет.