Универзитетски професори од Шумарскиот факултет остро реагираат на сечата на жарданериското зеленило на неколку поголеми потези долж булеварот Александар Македонски.
Ви ја пренесуваме реакцијата во целост:
„Како наставници (универзитетски професори и асистенти) на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектира и екоинженеринг „Ханс Ем“ (ХЕФ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ НАЈОСТРО ЈА ОСУДУВАМЕ неколкудневната активност на отстранување на жарданериското зеленило на неколку поголеми потези долж булеварот Александар Македонски (од хотел Континентал до раскрсницата со ул. 16-та Македонска бригада), како и моментното искорнување на зеленило на булевар Гоце Делчев, поточно во близина на раскрсницата на влезот во кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методија“ и зградата на МРТВ.
Жарданериското зеленило сместено во просторот меѓу двете насоки на поголемите булевари во Скопје (Партизански одреди, Гоце Делчев, Александар Македонски и др.) е еден од најуспешните примери за озеленување низ севкупното зеленило на Скопје. Освен естетски придобивки, заради кои е убав белег на Скопје, ова зеленило исполнува и ред други битни функции (намалување бучава, намалување на ефектот на урбаните термички острови, задржување на прашина, и др.) кои стручно се нарекуваат екосистемски вредности/функции.
Конкретното зеленило кое во изминативе неколку денови безмилосно се корне од механизација, очигледно ангажирана од надлежни институции (Град Скопје, ЈП „Паркови и зеленило“?), е генерално во одлична здравствена состојба, со многу мал, речиси незначителен, број на исушени садници.
Во тоа зеленило (грмушки, ниска вегетација) има уште многу години, веројатно и децении живот, доколку соодветно се одржуваат, и е сосема добро етаблирано и со значителна големина и волумен. До таа големина не се стигнува преку ноќ, ниту преку неколку години, туку е потребен долг период, понекогаш и децениски, и „отстранувањето“ заради замена со ново зеленило, ние го гледаме како уништување на квалитетно зеленило кое ќе се замени со зеленило на кое ќе му требаат долги години за да го постигне истиот волумен/големина, и истите функции на постоечкото зеленило. Згора на тоа, преживувањето на новото зеленило не е гарантирано, а ако се суди по многубројни примери во изминатите десетина години, може да биде направено сосема нестручно и неетички, па да се исуши уште во првата година!
Упатуваме на неколку скорешни примери кои се доказ за оваа наша констатација – десетици вредни садници засадени во 2020 г. околу потезот на надвозникот формиран од бул. Крсте Петков Мисирков над бул. Никола Карев (во близина на Битпазар), или повеќе од стотина индивидуални садници во строгиот центар на градот (околу банките) кои се исушија после само пар години.
Заради тоа, ИНСИСТИРАМЕ ВЕДНАШ да се престане со сите активности на отстранување на зеленилото на посочените партии жарданериско зеленило.
Најучтиво ги замолуваме градоначалникот г-н Петре Шилегов и директорот на ЈП „Паркови и зеленило“ г-н Ардијан Муча да го искористат својот авторитет и позиција и ВЕДНАШ ДА ГО СТОПИРААТ овој бесмислен МАСАКР на здраво зеленило! Патем, ве потсетуваме на Меморандумите на соработката кои постојат меѓу нашиот факултет и Градот Скопје, како и со ЈП „Паркови и зеленило“, според кои ХЕФ стои на располагање за секакви стручни консултации и совети. Нешто кое мора еднаш за секогаш да стане јасно на институциите на системот и на претставниците во нив – тие постојат за да бидат сервис на граѓаните и одговараат пред општата но и пред стручната јавност! Ние стоиме на располагање да ве упатиме каде сė во градот може и треба да се озеленува, а без при тоа да се уништува вредно и здраво зеленило, и за секакви други стручни аспекти, се вели во реакцијата потпишана од деканот проф. Кирил Сотировски.