Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека и тој како професор ги има истите маки како неговите колеги, изразувајќи поддршка на штрајкот.
– Од една страна имате Влада која е проблем, која е дефинирана според сите параметри на хибриден режим и е прилично криминализирана и корумпирана и од друга страна ги имате професорите, наставниците и оние кои се вработени во градинките негувателките, воспитувачките. Јас сум во суштина професор универзитетски и тоа се моите колеги и тоа е мојата природна средина и јас го споделувам нивниот живот бидејќи истите маки и јас ги имам, и моите колеги на универзитетот ги имаат истите маки со нискиот стандард, демотивираноста, притисокот од власта, од надлежните во министерството и затоа ги поддржав и ќе ги поддржувам безрезервно кога искрено ги бараат своите права, кажа Мицкоски во своето гостување на Сител.
Мицкоски вели дека употреба на медијатор во преговорите помеѓу СОНК и Владата е спротивно на закон.
– Никогаш не сум го нападнал водството на СОНК, само се обидов да направам разлика во нивната фацијална експресија и профил пред да влезат на состанокот во Владата и откако излегоа и потоа се наметнува прашањето зошто е толкава осцилацијата во однесувањето на водството на СОНК. Најпрво велат ќе го прекинеме штрајкот, па ќе ги слушнеме членовите на СОНК, па откако членовите на СОНК се произнесоа дека не се за прекин туку се за продолжување на штрајкот се до остварување на нивните барања тие одлучија да бараат излезна стратегија во нешто што е спротивно на закон преку т.н. медијатор кој доаѓа од кабинетот на министерката за труд и социјала, додаде Мицкоски.