Професор од Кавадарци заедно со свој ученик произведе паметна училишна табла

by fokus

Поради револт, професор од Кавадарци произведе паметна училишна табла. Неговиот пронајдок веќе има освоено два златни медала во Македонија. Во изјава за МИА, Димитрија Ангелков раскажа како всушност дошол на идеја да направи такво нешто.

-Целата работа почна со тоа што своевремено во електротехничкото училиште во кое работам најавија дека ќе добиеме три интерактивни табли. Таблите не ги добивме никогаш. Разочаран и во знак на револт,  заедно со мојот ученик Ангел Стојанов почнавме да правиме нешто што ќе личи на интерактивна табла. Работевме напорно и со нашиот производ настапивме на државен натпревар за трудови на средни стручни училишта во 2016 година во Струмица, каде што освоивме прво место, ја почна професорот својата приказна.

Тоа, според него, бил одличен старт и повод да аплицира во Фондот за иновации, преку фирмата што веќе ја поседувал. Благодарение на фондот, од годинава користи повратен грант од Светска банка. Претходниот месец, од Асоцијацијата на иноватори на Македонија добил златен медал за овој пронајдок, напредна паметна интерактивна табла.

Два патента заштитени во Заводот за индустриска сопственост

Зборувајќи за себе, професорот во средното општинско училиште „Киро Спанџов-Брко” ни кажа дека е доктор по комјутерски науки. Има 14-годишно искуство во компјутерските науки и мултимедијата и 11 години во образованието. Има повеќе сопствени производи и два патента заштитени во Заводот за индустриска сопственост.

-Еден од пронајдоците е интерактивната табла, прв ваков производ во Македонија. Се одликува со ниска цена на чинење и е погоден за нашиот образовен систем. Уредот е досега поставен во повеќе училишта низ Македонија. Реакцијата на наставниците е позитивна и го прифаќаат производот, со кој одат и комплет бесплатни програми што се користат во наставата, по голем дел од предметите. Оваа интерактивна табла користи висока технологија, едноставна е за употреба, лесна за пренос. Ваквиот тип  табла претставува најевтино практично решение за секоја установа. Се користи за реализација на наставниот материјал, тестирање на учениците, состаноци, презентација, приказ на извештаи, воена обука, учење странски јазици, видеоконференција, медицински консултации, секаде каде што се користи проектор за приказ на видеосигнал. Се одликува со едноставна монтажа, преносливост и висок степен на прецизност. Уредот за следење на дејството на корисниците се поставува на самиот проектор и се поврзува на компјутер преку стандарден УСБ-порт. Доколку имате проектор или монитор, со нашиот уред може секоја табла да ја трансформирате во интерактивна табла. Изработуваме и табли пиши-бриши за посебен маркер, кој е направен за бели табли со мастило, што се отстранува со посебен сунѓер, ни појасни Ангелков.

Поврзани новости