Професорката по историја на Филозофскиот факултет во Скопје, Виолета Ачкоска била повикана во полициска станица на службен разговор поради објавен статус на Фејсбук, поврзан со смртта на гимназијалец од Скопје.
„Денеска (16.03.2023) во полициска станица при СВР Скопје бил извршен службен разговор со В.А., поради наведени податоци дека гимназијалец бил отруен со дрога ставена во пијалак, во објавен статус на социјалната мрежа Фејсбук, а со цел да се обезбедат евентуални дополнителни податоци во врска со случајот кои лицето може да ги има. В.А. во разговорот појаснила дека нема информација за таков настан, туку дека слушнала муабети од деца, а кога новинари телефонски ја повикале да поразговараат на темата, тогаш сфатила дека направила грешка и го избришала статусот. Во врска со случајот од страна на СВР Скопје ќе биде известено Основното јавно обвинителство Скопје, со цел добивање насоки за понатамошни мерки и активности“ информираат од Министерството за внатрешни работи.
Средношколец, матурант од скопската гимназија „Георги Димитров“ пред неколку дена починал, неофицијално како последица на дрога ставена во пијалок во кафуле.
Сепак, вчера од МВР информираа дека смртта на 18-годишникот настапила како последица од пад од висина.