Професионални криминалци!?

by Фокус

Вкупната сума на „чесно“ заработени пари од „противправното посредување“ и менаџирање со судски процеси се проценува на четири до пет милиони евра. Искрено кажано, тоа и не се многу пари, ако се знае дека во судско-обвинителскиот бизнис се вртат многу поголеми пари од овие.

Пишува: Ристе ЉУБОТЕНСКИ

Алчноста е тешка болест! Особено ако сте судија или обвинител, кој пред законот се заколнал дека ќе се „бори“ против криминалот и корупцијата. Но, ова е Македонија и веќе триесетина години сѐ е можно! Затоа малку е изненадувачки што полицијата лишила од слобода, а Судскиот совет му го одзел имунитетот на судија на Врховниот суд, кој на дело е фатен како зема поткуп од десет илјади евра за ,,противправно посредување“ во судски процес.

Единствено што останува да виси во воздухот е прашањето зошто ова лишување од слобода се случи во момент кога старата власт е на заминување, а новата сѐ уште не е конституирана, особено кога се знае дека ова „противправно посредување“ не е од вчера, туку има историја од над петнаесет години.

„ГРЕШКАТА“ НА СУДИЈАТА ГЕОРГИЕВ

За оние кои барем малку ги знаат состојбите во правосудството е извесно дека врховниот судија, кој претходно бил судија и на Апелациониот суд во Штип, е само една изданка на организираната криминална група, составена од судии, обвинители, адвокати, нотари и извршители.

Нивното главно подрачје на дејствување е токму подрачјето на Апелациониот суд во Штип, а главен организатор и „менаџер“ е поранешниот претседател на овој суд, а подоцна и судија на Врховниот суд, Стојанче РибаревЏапе.

Вкупната сума на „чесно“ заработени пари од „противправното посредување“ и менаџирање со судски процеси се проценува на четири до пет милиони евра. Искрено кажано, тоа и не се многу пари, ако се знае дека во судско-обвинителскиот бизнис се вртат многу поголеми пари од овие.

„Грешката“ на судијата Наке Георгиев е што излегол надвор од рамките на организираноста и се осмелил парите да ги прими лично. Да бил барем малку повнимателен (и попаметен), тоа како и многупати до сега ќе го направел преку проверените канали на адвокати, посредници… мешетари.

ОДГОВОРНОСТА НА ДРЖАВНИОТ ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ

Нема сомнение дека ова е (не)очекуван изборен подарок на ДПМНЕ и ВРЕДИ. Најавуваните „реформи“ (чистки) во судската и обвинителската фела можат да почнат. Се разбира ако воопшто тоа е намерата, а не само проста персонална замена на „вашите“ со „наши“ судии и обвинители.

Во изминатите години не се знае колку пати се наслушавме и надевавме на „реформи“ во правосудството, но сѐ остана само на збор.

Јасно е дека се нема политичка волја за воспоставување на владеењето на правото и законите во „оваа држава“.

Она што загрижува е фактот што токму во фиоките на државниот јавен обвинител, речиси три години (претходно Љубомир Јовески) Љупчо Коцевски стојат непроцесуирани кривични пријави со јавни и недвосмислени докази токму против оваа група носители на високо профилиран криминал и корупција.

Како може да се коментира тој факт, освен дека станува збор за отворено прикривање и заштита на криминал и корупција од страна на државниот јавен обвинител!? Па, затоа ќе се чудиме зошто граѓаните немаат доверба во институциите на системот и, особено, во судиите и во обвинителите.

Во Република (Северна) Македонија нема влада и државен јавен обвинител, кои, на овој или на оној начин, не придонеле криминалот и корупцијата да станат дел од правно-политичкиот поредок.

Таквата пракса остава голем простор за сомнеж за тоа дали актуелниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски и идната влада ќе ја променат таа пракса и, барем делумно, ќе исполнат дел од своите предизборни ветувања.

Поврзани новости