Професионални криминалци

by Фокус

Со овие судии и обвинители, правна држава не бидува. Станува збор за професионални институционални криминалци, чие останување на функција ќе ја одвлечка државата во пропаст

Пишува: Ристе ЉУБОТЕНСКИ

Според законот, еден од клучните критериуми за избор на судии и обвинители е тие да имаат стручен, морален и општествен интегритет. А што кажува реалноста?

Од она што го утврдило истражувањето на ОБСЕ и ДКСК , повеќе од јасно е дека ниту еден судија и обвинител, вклучувајќи ги тука и членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, не покажуваат капацитет за да го задоволат тој критериум.

ВО ИМЕТО НА ПАРИТЕ

Со други зборови, третата, „независната“ судско-обвинителска власт во државата нема уставен и законски основ да ја врши власта што ја има. Тоа го поставува политичкото прашање за нејзиниот легитимитет во вршењето на функцијата за која се платени од граѓаните. Или, директно кажано, Република (Северна) Македонија има нелегитимна судска власт!

А тоа, богами, е сериозен проблем за државата. Политичката и правната важност на тоа прашање може колку што сака да биде потценувано од политичките партии и нивните „лидери“, од „институциите на системот“, но на крај ќе се види дека е едно од клучните прашања од кое во целина зависи функционирањето на правниот и политичкиот систем на државата.

Се разбира, ако сѐ уште се сметаме за држава.

Тоа се потврдува со фактот што граѓаните, речиси во целост, немаат доверба во законитоста на работењето на судиите и обвинителите. Тогаш во чие име работат, донесуваат одлуки и земаат плата овие професионални институционални криминалци? Во името на граѓаните секако не!

Тоа, сакале или не, го поставува прашањето за легитимитетот на легалитетот на нивните правни дејствија. Особено што има многу примери и докази за донесување судски и јавно-обвинителски одлуки, кои се директно спротивни на законите и доказите, а во согласност со количеството на парите земени како поткуп.

За жал, таквите судски и јавно-обвинителски одлуки сѐ уште почнуваат со „Во името на граѓаните“, што е чин на груба узурпација и киднапирање на правниот систем од страна на актуелната криминална структура во судовите и обвинителствата.

Ако судиите и обвинителите, барем малку, сакаат да бидат чесни кон граѓаните и самите себе, во иднина судските и јавно-обвинителските одлуки би требало да ги почнуваат со: „во името на парите што ги зедов како поткуп“, или „во името на влијанието, притисоците и уцените што ги трпам од судиите од повисок ранг и функционери од извршната власт“, или „во името на повисоката функција што ми се ветува и за која ги погазувам својата чест и достоинство“.

МРТВОРОДЕНЧЕ

На граѓаните треба да им е јасно дека од овој персонален состав на судии и обвинители (или поточно од оние на клучните места) не може оправдано и реално да се очекува воспоставување на владеење на правото и правна држава. Отровот и гнилежот на криминалот и корупцијата се длабоко метастазирани во секоја пора на судско-обвинителскиот систем.

Покрај симбиозата на криминалот меѓу извршната и правосудната власт, во пракса постои меѓусебна рамнотежа на стравот меѓу самите судии и обвинители. Секој за секого има по некој доказ, па макар тоа бил и начинот на избор, со кој го уценува, условува или го промовира.

„Независноста“ на судиите и обвинителите е само флоскула зад која се крие тој добро разработен и функционален систем на криминал и корупција по принципот „ти мене, јас тебе“!

Затоа малку зачудува што претседателите на судскиот и обвинителскиот совет глумат недоветност и непознавање на внатрешните правила на организирање и функционирање на власта со која раководат.

Станува збор за добро разработен и јавно идентификуван систем на криминал и корупција меѓу самите судии и обвинители. Она што е ново е фактот што тој систем се разви до таа мера што веќе не може да се скрие од јавноста и што има сила да го уништи судско-обвинителскиот систем, кој се потпира врз него.

Оттаму, секому треба да му е јасно, независно дали станува збор за меѓународна или домашната јавност, дека времето за „реформи“ во правосудниот систем на Република (Северна) Македонија веќе одамна е поминато.

Реформите, како и сѐ друго, можат да се прават само врз основа на определена минимална здрава основа. Кога таа ќе се доведе до таков степен на коруптивен и криминален гнилеж, тогаш изгубена е основата и здравото ткиво на која може да се реализира.

Македонското „независно“ судство е мртвороденче, кое никој и ништо не може да го врати во живот! САД, ЕУ, Германија, Холандија итн. можат да потрошат уште многу пари, но од овие судии и обвинители не можат да се направат чесни луѓе што професионално и достоинствено би си ја вршеле функцијата за која се платени од граѓаните.

СООЧУВАЊЕ СО РЕАЛНОСТА

Странските и домашните „фактори“ мора да си признаат самите себеси она што во државата го знае секој граѓанин, а тоа е фактот дека во судството и обвинителството е голема дозата на црни пари за да може така лесно кој било судија или обвинител, кој е во тој круг, да излезе од него.

Тоа значи дека со овие судии и обвинители, правна држава не бидува. Станува збор за професионални институционални криминалци, чие останување на функција ќе ја одвлечка државата во пропаст.

Не случајно, во секоја пригода, нашите партнери од САД и ЕУ многу јасно нѐ потсетуваат дека без владеење на правото и правната држава, влез во тоа друштво нема да има. И тоа е сосема нормално и исправно! Кој би сакал во свое друштво да има корумпирани политичари и судии и обвинители криминалци?

За жал, повеќе од очигледно е дека РСС и СЈО, од овие или од оние причини, одбиваат да се соочат со реалната состојба на власта со која раководат. Тоа, самото по себе, фрла сомнеж за моралната и професионалната чистота на нивните членови на овие органи. Тоа е јамката околу вратот на кој се согласиле при сопствениот избор и која свесно (и несвесно) ќе си ја носат!

Затоа, сѐ додека глумат недоветност, и наместо да покажат храброст и професионалност, отворајќи ги најочигледните случаи на криминал во корупција во сопствените редови, опстојуваат на цеховската солидарност и лојалност, сѐ до тогаш ќе се плашат еден од друг и самите од себе.

Држењето до максимата „да се држиме заедно, за да не висиме секој посебно“ нема да може да им помине. Времето на криминалот и корупцијата, што самите го создадоа, веќе е толку тешко, што еден по еден ќе ги одведе во пропаст. Прашање на време е дали тоа ќе се случи на институционален или на вонинституционален начин.

Изборот е нивен, но треба да знаат дека времето не им е сојузник. Со секој поминат ден се поставува прашањето: до кога граѓаните со свои пари ќе им обезбедуваат плати и ќе го финансираат сопствениот грабеж од страна на овие професионални (институционални) криминалци? Зошто да ги трпат?

Поврзани новости