Професионален војник во АРМ бил фатен како им доставува мобилни телефони на затовреници во затворот Идризово, а на кои им биле забранети, бидејќи издржувале казни во затворено одделение.
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 23-годишниот војник за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување.
„Осомничениот, на 1 февруари во КПУ Идризово – Скопје, како службено лице – професионален војник во Армијата на Република Северна Македонија, поради прогласена кризна состојба на подрачје на затворот, бил ангажиран како надворешно – статично обезбедување од стражарна кула на оградниот ѕид на затворскиот објект. Притоа, тој презел дејствие со кое ги пречекорил границите на своите службени овластувања со намера за двајца осуденици кои издржувале казна затвор во затвореното одделение и на кои согласно куќниот ред во затворот им се забранети мобилни телефони, да им прибави и да им овозможи користење на мобилни телефони и комуникација без надзор на затворска полиција.
Откако претходно скрил десет мобилни телефони во тактичкиот елек од униформата која ја носел, тој го напуштил стражарното место и знаејќи дека осудениците биле пуштени на дневна прошетка и го чекаат, застанал до ѕидот од кабината и последователно преку две заштитни огради им ги фрлал мобилните телефони, со цел да им овозможи комуникација без надзор“ соопшти обвинителството.
Бидејќи постојат околности што очигледно укажуваат на опасност од бегство, како и особени околности кои го оправдуваат стравувањето дека осомничениот ќе го повтори кривичното дело, јавниот обвинител достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.