Поранешниот градоначалник на Неготино, Ванчо Апостолов (59), заработи кривична пријава поради сомнение дека ја злоупотребил службената положба и овластување, а злоупотребата за која пред неколку дена извести МВР се случила во 2014 година.
Покрај Апостолов, кривични пријави добија и тројца вработени во Општината за истиот случај. Имено, без да добијат согласност од Советот за јавни набавки, тие распишале оглас за рационализација и унапредување на јавна водоснабдителна мрежа на подрачје на Општината и спровеле постапка за јавна набавка и изготвиле извештај во кој дале предлог за најповолна понуда да се одбере конкретна понуда од група понудувачи.
Според МВР, Апостолов во име на Општина Неготино со група понудувачи на 29.08.2014 година склучил договор за проектирање и изведба на работи за рационализација и унапредување на јавниот водоснабдителен систем во Општина Неготино со вкупна вредност на договорот од 21.237.740 денари или 345.330 евра.
Со тоа, четворицата вработени во Општината го сториле делото злоупотреба на службена положба и овластување со што им овозможиле на правни лица да се стекнат со противправна имотна корист во вкупен износ од 21.237.740 денари.
Проектот за кој поранешниот градоначалник заработи кривична пријава им е добро познат на неготинци.
Во 2014 година беше најавуван како врвно достигнување со кое засекогаш ќе се реши проблемот со водоснабдувањето и ќе се стави крај на децениските целовечерни рестрикции на водата за пиење, како и на повремените дневни рестрикции со кои граѓаните се соочуваа.
-Неготино ќе биде првиот град во Република Македонија во кој ќе бидат поставени уреди за хидраулично регулирање на притисокот на водата за пиење која доаѓа до домовите на граѓаните, со што на најсофистициран можен начин секојдневно ќе се следат и ќе се вршат неопходните мерења.
Ова е резултат на потпишаниот договор од страна на првиот човек на Општина Неготино, градоначалникот Ванчо Апостолов и претставникот на една од 10-те најдобро рангирани фирми во светот ИМГ од Загреб-Хрватска која ќе ја има улогата на изведувач на работите.
Станува збор за еден од неколкуте проекти што се спроведуваат со цел за подобрување на водоснабдувањето на подрачјето на неготинска општина.
Проектот чини над 20 милиони денари, средства кои ќе се обезбедат од општинскиот Буџет,а со неговата реализација дефектите на водоводната мрежа ќе се сведат на минимум, ЈП Комуналец ќе заштеди во делот на ангажирањето на работна сила и издвојување финансии за поправка на дефектите, а што е најважно,со хидрауличното регулирање притисокот на водата која доаѓа до домаќинствата ќе биде ист во сите зони од градот, што пак ќе придонесе до нејзино рамномерно распоредување и достапност во сите домови.
Се очекува реномираната хрватска фирма работите да ги заврши до крајот на тековнава година-информираа тогаш од кабинетот на Апостолов.
Неготинци се сеќаваат и на поставувањето на камен темелник од страна на градоначалникот, претставникот на фирмата-изведувач ИМГД од Самобор- Хрватска, Томислав Витовски и тогашната директорка на ЈП Комуналец, Наташа Лазова и со тоа беше означен стартот на работите на проектот „Хидраулично регулирање на притисокот на водата за пиење во Неготино“.
Со лопата и со свеченост беше означен почетокот на историскиот проект, а Апостолов гордо изјави дека водата во Неготино повеќе не е луксуз.
Сепак, радоста на неготинци не траеше многу. Иако на почеток се укинаа рестрикциите на водата за пиење, немаше доволно притисок и граѓаните се жалеа дека не можат да вклучат ниту перална за алишта, ниту пак имаше доволно притисок за туширање.
По околу 20 дена од бомбастичните најави дека проблемот со водата е решен благодарение на проектот со хидрауличното регулирање на притисокот, повторно започнаа стандардните рестрикции.
По низа на санации на дефекти на водоводната мрежа кои следеа во изминатите години, денес состојбата со водата за пиење во градот е значително подобрена и рестрикциите се случуваат повремено, кога се работи за дефект, или пак во летните месеци кога многумина продолжуваат со старите навики, наводнување на бавчи и миење на дворови со водата за пиење.
Вики Клинчарова