Проект „Откривање на скриените атракции“: Да ги поврземе луѓето од две земји и на патување низ недопрена природа

by Fokus

Развивајќи слични фактори на атракции и во двете општини, развој на активен туризам, како планинарење, велосипедизам и автентични локални искуства, проектот има за цел промоција на природните и културните убавини во двата микро региони во патувања „една дестинација-две земји“ и се фокусира на развој на патувања во регионите на Демир Хисар и Клос во соседна Албанија. Работиме заедно со локалното население да креираме уникатни доживувања кои дополнително ќе ги мотивираат посетителите да истражуваат недопрени места со еден заеднички предзнак – авантура вели за „Фокус“ Емилиа Ѓероска, проектнa менаџерка на проектот.

-Овој проект е всушност слика за она што е светски тренд, а тоа е патувањата да бидат искуства, доживувања, односно туристот да не биде нем посетител на изложба од споменици која претходно е подготвена како задолжителна рута на патувањето туку да биде мотивиран самиот да открива, да биде поврзан со средината која што ја посетува, со локалното население и автентичниот начин на живот во дестинацијата , појаснува таа.

Проектот беше дизајниран и започна со реализација уште пред почетокот на пандемијата. Микро регионите во демирхисарско и околу Клос во Албанија се неоткриени дестинации а проектот има за цел да развие патувања кои истовремено ќе носат приходи за локалното население и ќе отворат нови работни места но нема да го нарушат еко системот на локалната средина.

-Еве еден конкретен пример, Клос е општина која што за многу кусо, заради изградбата на новиот автопат од Тирана до Дебар, поточно до нашиот граничен премин Блате, ќе биде ставена на туристичката мапа во Албанија, бидејќи достапноста до оваа дестинација значително ќе се олесни. Урбаните туристи од Тирана кои бараат нови и неоткриени дестинации за викенд урбан детокс ќе можат да пристигнат во Клос за нецел час наспроти сегашните три часа возење. Достапноста е главен фактор при изборот на патувањата. Клос нуди недопрена убавина, села во долината на реката Мат, планини кои бројат над 20 глацијални езера, огромни потенцијали за планинарски и велосипедски патеки. Или пак примерот со Демир Хисар, каде што во селото Слоештица, еден стар запуштен Задружен Дом ќе биде трансформиран во Мултифункционален Центар во кој што ќе може истовремено и да
се сместат гости, да се одржуваат разни културни настани, на отворено и внатре, и можеби најголемата атракција, ќе се направи Спомен Соба на великанот на македонскиот збор Петре М. Андреевски. Накусо, се она што постои како потенцијал во овие микро региони, културен и природен, го претвораме во туристички производ кој веднаш може да се продава на туристичкиот пазар. Особено внимание посветуваме на одржливоста на производите, на целокупниот еко систем на локалната средина, не менувајќи ја ниту природата ниту начинот на живот на
локалното население. Проектот ги открива атракциите кои веќе постојат во овие преубави места претворајќи ја локалната средина во туристичка дестинација-вели Ѓероска.

Според неа за два до три месеци, од аспект на инфраструктура, сите градежни зафати ќе бидат финализирани. Во селото Слоештица, демирхисарско, се реновира Задружниот Дом додека во Клос во Албанија се гради сосема нов Историски и Етнографски Музеј.

Изградбата на туристичка инфраструктура како капацитети за сместување и атракции како Спомен Собата на Петре М.Андреевски и Музејот во Клос бараат големи средства и за среќа тоа беше овозможено со поддршката на ЕУ
преку Програмата за Прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Албанија. Конкретно, во Клос, се гради сосема нов Музеј во кој ќе поместиме дел од артефактите кои што постојат и кои што говорат за богатата историја на ова подрачје кое во минатото беше попатна станица на една делница од историскиот пат Виа Игнација. Многу културни и историски споменици во и околу Клос беа разрушени во поновата комунистичка историја на градот па во овој Музеј ќе може да се презентира уникатноста на овој регион. Очекуваме дека Музејот ќе биде и една нова туристичка атракција особено што заедно со други природни и културни и историски споменици се креира една туристичка зона во близина на Клос која нуди барем неколкудневни активности за туристите.

– Во Слоештица, со изградбата на Мултифункционалниот Центар се зголемува бројот на расположливи капацитети за сместување, веќе може да зборуваме за посета на туристички организирани групи. Се создава простор за културни и групни настани односно веќе имаме можности и за тим билдинг туризам. Спомен Собата на Петре М.Андреевски не само што овозможува промоција на еден од нашите писатели туку е и промотор на македонската култура особено што неговите дела се популарни и надвор од нашите граници, со други зборови создава можност и за културен туризам. Со завршувањето на инфраструктурните зафати ќе имаме можност да креираме патувања готови за продажба пред домашните и странските туристи односно пред агенциите за дојдовен туризам. Пакет патувања или аранжмани кои вклучуваат единствена можност, да посетите две земји во едно патување, а притоа да следите една тема: авантури во рурални средини, богата култура и историја, доживувања како планинарење, јавање на коњи низ шумите, off road – џипови тури до глацијалните езера, превкусна здрава храна, готвење со домаќините и релаксација во недопрена природа и мир. Сите овие скриени атракции ги поврзуваме во патувања кои што ги поврзуваат двата микро региони, во двете земји а сепак во едно патување кое што може да трае два или неколку дена. Патување кое е атрактивно за безмалку сите типови на туристи, домашни и странски, и оние кои се на поминување низ прекуграничната област, на луѓе кои што од главните градови од двете земји сакаат да избегаат во внатрешноста на еден урбан детокс – појаснува Героска.

Според неа, многу важен аспект на проектот е што тимот работи секојдневно со локалното население, со жителите во недопрените села со цел да ги мотивираат да го продаваат својот начин на живот без притоа да ја изгубат својата автентичност. Тоа е многу важно бидејќи во овие места сеуште нема една комерцијална туристичка
презентација на атракциите односно таму животот се одвива нормално. Важно е да се спомене дека без поддршката од Европската Унија која што го финансира овој проект преку ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу нашата земја и Албанија, овој проект немаше да се реализира. Делегацијата на ЕУ во Скопје континуирано преку оваа Програма ги промовира ваквите дестинации кои што имаат за цел да докажат дека независно од физичките граници, природата нема граници, можноста да уживаме во неа исто така нема граници.

С.Т.

Поврзани новости