Продуцентите оштетени од забраната: Во ЗАМП се вртат огромни суми, затоа се плашат од конкуренција!

by fokus 12:05
12:05

Продуцентот Ване Петкоски од ИН Продукција, задолжена за снимање на аудио и видео записи на наши и пејачи од соседството, но и на музички емисии, е револтиран поради забраната на ЗАМП  која што трае без малку два месеци, и вели дека поради одлуката на авторите трпи големи финансиски штети.

Во изминатиов период, голем број пејачи го откажале веќе договореното снимање на спотови, и според него, целата состојба со музиката е поради големи суми на пари што се вртеле во ЗАМП, без при тоа да се земат предвид продукциите, медиумите, но и изведувачите.

- Advertisements -

Не е нормално да нема конкуренција

,,Ние како продукција, во овој случај се најдовме во позиција на жив штит! Никој не не праша за ништо, никого не го интересира дали и на кој начин сме оштетени. Имаме десет вработени кои што треба да земат плата, од тоа живееме и се хранат десеттина семејства, но поради забраната на ЗАМП, секојдневно се откажуваат снимања на спотовите. Искрено, кој воопшто би снимал спотови, ако знае дека нема каде да ги промовира?

Но, од ЗАМП се глуви и незаинтересирани за решавање на проблемот. Мислам дека и поголемиот дел од авторите не знаат точно да кажат на што се должи забраната. Ако навистина е поради стравот од конкуренција, тогаш дали е тоа нормално? Секаде постои конкуренција! И ние, продуцентите имаме конкуренција, и колку е таа поголема, толку поголем квалитет се нуди, тоа е нешто најнормално во целиот свет. Како да ни беше малку што мораме да се бориме со Ѕвездите на Гранд, па сега и ова со ЗАМП ни дојде како еден невиден удар“ – вели Петкоски.

Тој додава дека од неофицијални извори знае дека голем број автори земаат суми кои што се бројат во илјадници евра од авторски права, и смета дека токму тоа е најголемата причина на здружението да се плаши од конкуренција.

Десетици илјади евра се слеваат во џебовите на авторите

,,Неофицијално, знам дека има автори кои со само неколку напишани песни во животот земаат големи суми на пари. На пример, наша позната фолк пејачка има напишано текст за две песни од кои што заработила дури 30.000 евра.  Таа лично ни се пофали и не почести сите во продукцијата кога ги зеде парите.

Има други пејачи кои што земаат и по 5 – 6.000 евра, но има има такви чии суми се и со четири нули. Дознав дека наш постар композитор земал околу 60.000 евра за авторски права. Па секој би играл како нив, кога се толку многу пари во прашање. Јасно е дека има и автори кои што едвај земаат и по неколку илјади денари, но голем е бројот на оние кои што заработуваат високи суми, вели Петковски.

thumbnail_vane-petkoski1Тој предлага да се објави список, да види и јавноста за колкави суми се работи, па на сите да ни биде појасно.

„Сигурно дека има институции што се надлежни за тоа, дали воопшто се прави проверка на песните, за тоа чиј е всушност текстот, бидејќи има голем број обработки на бугарски и грчки песни, авторот само го превел текстот, малку го изменил, и сега бара авторски права за него! Ова се неверојатни податоци, но се е вистина! Мислам дека ЗАМП нанесе голема штета, а не гледам дека има интерес проблемот да се реши во скоро време“, констатира Ване.

Според него, во целата работа има и голем број нелогичности, бидејќи некои песни биле заштитени и по неколку пати, а всушност не е познат нивниот автор.
 
Забранети се и песни од непознати автори
 

Стари традиционални песни чии што автори се анонимни, се заштитени и не смеат да се емитуваат, потсетува Петковски на нелогичностите.

„За пример ќе ја земам ,,Јовано, Јованке“. Не знам колку автори се потпишани под неа, бидејќи имаат направено голем број аранжмани на истата. И сега, треба ли сите да земаат авторски права од една песна, која што некој друг ја направил? Каде е логиката?

Им баравме да ни достават список со песни кои што не смеат да се емитуваат, но ниту тоа не го сторија, ни рекоа да бараме за секоја песна одделно. Пак ќе речам, каде е логиката?
Поднесовме тужба поради претрпена штета, но не е начин да се влечкаме по судови, забраната не смееше воопшто да се случи, а сега кога веќе е овде, не знам зошто се чека толку долго за разврска на случајот?, се прашува продуцентот. 
Тој и порачува на министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска – „штом не знае да ја среди ситуацијата, нека си даде оставка! До кога ќе се чека на решавање на проблемот? Ние од оваа работа ги издржуваме нашите семејства на чесен начин!“, изјави за ,,Фокус’’  Петкоски.
 
Забраната за емитување на македонска музика од автори членови на ЗАМП стапи на сила на 20 септември годинава. Причина за забраната за емитување на македонска и српска музика, како што рекоа од ЗАМП беше повеќегодишниот притисок од Министерството за култура врз нивното работење и создавањето на можноста да се формира паралелно здружение за истите права, во случајов СОКОМ МАП.
Кон забраната се приклучија и авторите од Србија, Црна Гора, Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина.
 
Според Министерството за култура, забраната не е законска, но сеуште трае.
Вики Клинчарова

Поврзани новости