459
Агенцијата за филм на Република Македонија денеска пред министрите во Владата на РМ ја презентираше информацијата во врска со проект – играна серија „Македонија“. Според Агенцијата за филм на Република Македонија извршената контрола во врска со доделувањето на средства за овој проект и во врска со реализацијата на проектот, констатирала сериозни пропусти, информираше Владата.
Вонредниот инспекциски надзор во Друштвото за филмска и видео продукција „Јадран филм“ утврдил дека обврската за завршување на првата сезона од проектот – играна серија „Македонија“ воопшто не е реализирана согласно терминот утвреден во договорот, односно до 4 септември 2017 година, иако на сметката на продукцијата биле префрлени 68 милиони денари од буџетот на Република Македонија, како прва рата од вкупно договорните 283 милиони денари, односно 4,6 милиони евра.
Владата ја разгледа и ја усвои информацијата во врска со Проект – играна серија „Македонија“ и ја задолжи Агенцијата за филм на Република Македонија во рок од 7 дена до Владата да достави информација во врска со преземените активности за проектот, согласно Законот за филмска дејност. Според овој закон, доколку со Извештајот од извршената контрола се утврди дека доделените средства на конкурсот се користат спротивно на договорот, односно дека корисникот на средствата не се придржува на роковите и обврските утврдени во договорот, или дека филмскиот продуцент ги пренел правата од филмот и средствата добиени од Агенцијата на трети лица, директорот на Агенцијата ќе ја активира банкарската гаранција, ќе го раскине договорот и ќе донесе Решение со кое се прекинува натамошното финансирање на Проектот и со кое бара враќање на доделените средства од Агенцијата со законска затезна камата.