Реформа во правосудството ќе има бидејќи тоа е волјата на повеќе од половина милион граѓани, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на новата влада, Христијан Мицкоски, кој не се откажува од распуштањето на Судскиот совети и Советот на јавни обвинители, но рече дека ќе ги земат предвид мислењата на експертите.
-Што се однесува до експертските мислења тие ни се секогаш добредојдени, сигурно ние нема да влеземе во овој процес без да ги слушнеме експертските мислења. Впрочем и јас како универзитетски професор се сметам за определен експерт во определена област. Но, истовремено како експерт кога ќе констатирам проблем нудам и решение, за тоа што ако вие констатирате само проблем, а не понудите решение, тогаш тоа во суштина е факт и вие ќе мора да го прифатите како факт. Тоа не е проблем, тоа е факт. Така што јас очекувам во таа дебата со експертите да ги слушнеме и решенијата за проблемите коишто евентуално тие ќе ги посочат, рече Мицкоски.
На министерот за правда, Кренар Лога му порача дека во неговиот мандат тој имал можност да направи реформи и да ја зголеми довербата во правосудството, но за жал ја пропуштил.
-Сега ќе дојде некој друг на негово место, кој се надевам дека ќе успее да ја направи (довербата во судството) барем двоцифрена и тоа многу двоцифрена. За жал, тој одлучи наместо да работи за граѓаните, плодна почва од каде што ќе се изнедрат кадрите во обвинителството и судството да биде Зајас. Мислам дека нашол лоша локација на ’Гугл мапс’. Требало да најде поинаква, а тоа е во канцеларијата на министерот за правда, со експертите да работи и да соработува. Така што, ве молам, да ја почитуваме волјата на повеќе од половина милион граѓани, а сега и како коалиција на повеќе од 600 илјади граѓани коишто на изборите на 8 мај јасно и недвосмислено ја дадоа поддршката за овој тип реформи и овој тип реформски процес, порача тој.
Лога веднаш му врати одговор во кој тврди дека среќата за да бидете премиер уште од 2020 му била меѓу Зајас и Мала Речица.
-Понекогаш и седиштето Ви беше таму, односно како замрзнат имот пред суд. Можеби и бевте во право, но тогаш судбината, според Вашите луѓе, висеше во тие координации, се вели во рекацијата на Лога.
Според него, тој за Министерството за правда е одговорен од 1 март 2023 година и дека неговата одговорност е ограничена поради фактот што сите кадри, кои, како што вели Мицкоски спинува, се вработени за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ од 2006 до 2017 година, кога со владата раководеше поранешниот лидер на партијата и премиер Никола Груевски.
-Некои од тефтерчето на Горде, некои од сваровски судството кои Вие повеќе од една деценија си го изградивте. И за крај, судскиот систем уште не може да стане на нозе поради човекот на кој Вие му бевте генерален секретар, односно човекот кој Ве избра за да бидете претседател на ВМРО-ДПМНЕ. И милијардата евра од него ќе ви дојде, и првата официјална посета ќе биде од страна на неговиот чувар, порачува Лога.