Продолжува „војната“ со ѓубре, испратени уште 310 балони кон Јужна Кореја

by Fokus

Северна Кореја синоќа испратила околу 310 балони со ѓубре преку својата јужна граница, соопшти јужнокорејската армија, а пренесува агенцијата Јонхап.

Тоа се случи кога влијателната сестра на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун вети „нов одговор“.

„Последната пратка со балони за ѓубре испратена во неделата содржеше хартија и пластичен отпад, а досега не е откриена токсична супстанција“, соопшти јужнокорејската војска, според новинската агенција Јонхап.

Како што се додава, рано утрово не е забележан нов балон.

Односите меѓу двете Кореи се на најниско ниво во последните години. Аналитичарите предупредуваат дека оваа ескалација може да доведе до вистински воени конфликти.

Сеул на 3 јуни објави дека го суспендира сеопфатниот воен договор постигнат со Северна Кореја во 2018 година и вчера ја рестартира својата пропагандна кампања преку звучници на границата за прв пат од 2016 година.

Во последните недели, Пјонгјанг испрати стотици балони со разновидно ѓубре од отпушоци, стари хартии, животински измет… до својот јужен сосед, опишувајќи го како одговор на ширењето на пропагандата од Јужна Кореја, особено испраќањето летоци или USB клучеви, со пораки против севернокорејскиот режим.

Поврзани новости