Американскиот претседател Џо Бајден во вечерашното обраќање повтори дека верува оти руските трупи ќе ја нападнат Украина во наредните денови, а целта, според него, ќе биде главниот град Киев.
Бајден вели дека Русија испорачува „сè повеќе дезинформации до руската јавност“, вклучително и наводи дека Украина планира офанзива на територијата што ја контролираат бунтовниците.
-Едноставно нема докази за овие тврдења и тоа ѝ пркоси на основната логика – вели тој, додавајќи дека Украина нема да направи никаков воен напредок во регионот додека продолжува руското трупање сили долж нејзините граници.
Русија никогаш немала и нема намера да ја нападне Украина и за тој став писмено го известивме Вашингтон, возврати портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Таа нагласи дека писмената реакција на Москва на американскиот одговор на безбедносните гаранции предложени од руската страна претходно го нагласува тој факт.
-На првата страница од овој текст стои: Украина. И понатаму: Русија никогаш немала и нема намера да иницира агресивни акции против оваа земја – рече Захарова.