Продолжува судењето за убиството на Вања и Панче

by Fokus

Во Кривичниот суд Скопје денеска со изведување материјални докази на одбраната продолжува судењето за убиствата на Вања и Панче.

Првообвинетиот во случајот Љупчо Палевски-Палчо и неговите адвокати се очекува да ја презентираат снимката од експозитура на Хлак банка во Буњаковец, која според нив му дава алиби на Палевски за тоа каде бил во периодот од 9 до 12 часот критичниот дена кога е убиена Вања.

На минатото рочиште беа изведени докази на предлог на одбраната на обвинетиот Љупчо Палевски.

На последното рочиште сведочеше Стојан Кујунџиевски, кој кажа дека заедно со колегите од СВР Велес вршеле потрага по исчезнатиот Жежовски, како и за претресот во домот на Боре Видевски каде што биле пронајдени ловечка пушка, патрони и куршуми девет милиметри за пиштол.

На судењето одбраната на Палевски презентираа материјални докази, вклучувајќи уплатница од банка од 27 ноември 2023 година со која тврдат дека во критичниот период Палевски не бил на местото на убиството на Вања Ѓорчевска.

Во продолжението на судењето Палевски достави листа на докази помеѓу кои побара да бида прикажано видео од Сејф сити каде што, според посоченото, се гледа дека возилото Рено кангу во 00:15 часот помеѓу 21 и 22 ноември е во центарот на Скопје а не кај Велибор пред врата, како што дополни.

Дополнително, тој побара појаснување на која околност се вештачел телефонот на Жежовски, како и возилото „рено кангу“.

Судот потоа одлучи да ја одложи расправата за денеска, кога ќе се произнесат по однос на материјалните докази, а потоа, на следните расправи закажани за 12, 17, 19, 24 и 26 март, како што информираше судијата Ивица Стефановски, ќе се прави распит на обвинетите со редослед Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев, Александар Ѓорчевски и Љупчо Палевски.

Според обвинението, Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, се обвинети дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

На следното рочиште закажано за 12 март е предвидено да започне распитот на обвинетите.

Поврзани новости