Продолжува судењето за „Монструм“, исказ ќе даваат двајца од обвинетите

by fokus

Во Кривичниот суд денеска треба да се одржи рочиште за предметот „Монструм“.

На рочиштето, исказ пред Судот треба да даваат двајца обвинети за петкратното убиство кај Смилковското езеро на 12 април 2012 година.

На претходното рочиште повеќе од пет часа исказ даваа обвинетите Агим Исмаиловиќ и Фејзи Азири, кој во судница беше донесен од затворот во Штип, каде отслужува казна затвор за друго кривично дело.

Исмаиловиќ и Азири пред Судот се изјаснија дека не се чувствува ат виновни за овој случај.

По завршување на рочиштето обвинителката Фатиме Фетаи изјави дека е важно што овој предмет стартува од почеток и дека во понатамошниот тек на судскиот процес ќе се изведуваат старите докази, но исто така ќе бидат изведени и нови докази од Специјалното јавно обвинителство и од страна на одбраната.

– Како основа во оваа постапка мора да се земе поранешниот обвинителен акт и од таа причина од наша страна беа прочитани двата обвинителни акти и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, рече Фетаи.

Таа додаде дека од анализата и од доказниот материјал ќе зависат и промените кои ќе ги прави обвинителството и во понатамошниот тек на судскиот процес.

– Секој доказ ќе биде предмет на темелна анализа, а потоа ќе се изведуваат и нови докази и  во зависност од она што ќе произлезе од наша страна и од Судот ќе биде донесена соодветна правилна одлука, рече Фетаи.

Масакрот кај Смилковското Езеро се случи на 12 април 2012 година, на Велики четврток, пред големиот христијански празник Велигден, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.

За петкратното убиство беше отворен предмет „Монструм“, а на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. За судот се уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.

Поврзани новости