Продолжува судењето за масакрот во „Рибникар“: Денеска ќе сведочат членови на семејствата на убиените деца

by Fokus

Во Вишиот суд во Белград денеска со сведочењето на оштетените треба да продолжи судскиот процес во граѓанската постапка против семејството Кечмановиќ.

Им се суди на мајката, таткото и момчето, кое на 3-ти мај уби девет соученици и чувар, а повреди уште шестмина во ОУ „Владислав Рибникар“.

Овој судски процес започна во октомври, кога беше завршено прелиминарното рочиште, а денеска треба да сведочат семејствата Чикиќ, Мартиновиќ и Божовиќ, чии членови беа убиени на 3 мај во училиштето.

Тужбата ја поднеле вкупно 27 тужители, односно членови на семејствата на жртвите од масакрот.

Судот ќе одлучи по тужбеното барање и дури по завршувањето на парничната постапка ќе донесе одлука дали целосно или делумно ќе го прифати барањето на семејството или ќе го одбие.

Тужбата е поднесена во граѓанска постапка за надомест на нематеријална штета за претрпена душевна болка поради смрт на блиско лице, како и за претрпениот страв.

Со оваа тужба се бара и паричен ануитет, односно идна исплата на одредена сума пари од денот на пресудата до издржување на условите за истата, на име идна нематеријална штета за претрпена душевна болка поради смрт на блиско лице.

Судот претходно одреди привремени мерки за забрана на располагање и отуѓување на имот во однос на таткото на момчето во кривичната постапка што се води против него, а во однос на мајката во граѓанската постапка.

Во граѓанската постапка против мајката на момчето, Вишиот суд во Белград донесе решение за привремена мерка во однос на имотот што е во нејзина сопственост, односно е блокиран за продажба и издавање.

На 10 октомври, Вишото јавно обвинителство во Белград поднесе обвинение против таткото и мајката на момчето, како и против сопственикот и инструкторот на стрелачкиот клуб каде, како што се сомничи, К.К. научил да пука, додека малолетникот е кривично неодговорен бидејќи во моментот на масакрот немал 14 години.

Решението со кое се потврдува обвинението стана правосилно, па се очекува дека Вишиот суд во Белград наскоро ќе го закаже почетокот на судењето и во таа кривична постапка.

Во овој суд се води уште едно судење за тужбата против семејството Кечмановиќ, училиштето и државата, поднесена од членовите на семејството Дукиќ, чие девојче беше убиено во училиштето.

Поврзани новости