Спасувачките тимови сè уште не можат да стигнат до 40 работници заробени во урнатиот тунел на автопат во Индија, бидејќи огромните камења ги блокираа напорите за отворање на премин за евакуација, соопштија властите.
Поминаа три дена откако се урна тунелот, но работниците се уште се здрави и живи, изјави за Ројтерс официјален претставник вклучен во спасувачката операција.
Заробените мажи добиваат храна, вода и кислород преку цевка од неделата наутро, откако тунелот се урна во 5:30 часот по локално време.
„Од Њу Делхи е донесена тешка машина за да ја вметне цевката за евакуација бидејќи сегашната е блокирана од камења“, изјави за Ројтерс претставник на одделот за итни случаи во државата Утар Прадеш.
Околу 50-60 мажи работеа ноќна смена во тунелот долг 4,5 километри, кој се гради во соседната држава Утараханд, на националниот автопат.
Локалните медиуми во вторникот објавија дека оние што биле поблиску до излезот од тунелот успеале да излезат, додека 40 од оние што биле подлабоко внатре биле заробени.
Работата на тунелот започна во 2018 година и требаше да биде завршена до јули 2022 година, што сега е одложено за мај 2024 година, се вели во соопштението на владата.