Сојузот на синдикати на Македонија го реализираше најавениот генерален штрајк во јавниот сектор барајќи линеарно зголемување на платите за 2.806 денари и враќање на правото за регрес на годишен одмор.
Вчера постави 120 празни столчиња пред Парламентот сакајќи да ги потсети пратениците да го прифатат амандманот со кој се бара во ребалансот на Буџетот да бидат одвоени средства за линеарното зголемување на платите, а за денеска најави дека ќе постави 21 столче пред Владата.
Штрајкот ќе се одвива секој ден од 10 до 11 часот, така што вработените во јавниот сектор во тој период ќе го прекинат работниот процес и ќе излезат надвор, а само десет проценти од нив ќе работат онаму каде што е потребно за итни случаи.
Од Синдикатот се задоволни од текот на штрајкот кој најавија дека ќе трае се до исполнување на барањата. Претседателот на ССМ Дарко Димовски вчера изјави дека само во едно претпријатие на почетокот на штрајкот е забележан притисок врз вработените, а ги пофали одредени институции и претпријатија кои веќе почнале да се потпишуваат спогодби за вработените да добијат 2.806 денари од 1 јули.
– Значи, имаме и таква и ваква ситуација, но на крајот на денот во 13 часот нашите регионални секретари ќе поднесат извештаи и секаде онаму каде што ќе се прави пресија врз работниците и штрајкувачките одбори истото ќе се случи како завчера со пратениците, јавно ќе ги објавиме тие директори и управители или носители на тие функции што ни прават пресија за да не штрајкуваме, изјави Димовски.
Од Владата, пак, стојат на ставот дека треба да се зголемат платите, но велат дека мора да се најде одржливо решение, а не проблемите да се решаваат со ад хок решенија.