Продолжува штрајкот – СОНК и Владата на средба денеска или утре

by fokus

Во основните и средните училишта и во градинките денеска ќе продолжи штрајкот на вработените кој почна вчера организиран од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) за зголемување на платите во дејностите образование и детска заштита. За да се најде решение, најавена е нова средба меѓу синдикатот и владини претставници која веројатно ќе се одржи денеска или утре.

Министерствата за образование и наука и за труд и социјална политика соопштија дека социјалниот дијалог ќе продолжи, а синдикалниот лидер Јаким Неделков порача дека тој треба да биде „конструктивен и конкретен, а не пропаднат и бесцелен разговор“.

Неделков вчера соопшти дека освен во градинки во некои општини, меѓу кои Карпош, Центар, Валандово, Гевгелија, вклученоста во штрајкот била масовна и со учество на 25 илјади вработени во училиштата и градинките. Мал бил бројот на ученици кои дошле на настава, а релативно мал бројот на деца донесени во градинките каде што, како што рече, имало и посериозни притисоци да се прекине штрајкот. Некаде се инсистирало времето на штрајкување да биде осум часа, но, рече Неделков, вработените треба да бидат онолку колку што им се смените во училиштата.

Додаде дека чекаат да бидат повикани на средба што вчера во краток разговор му ја најавил министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој, пак, вчера изјави дека го почитува синдикалното право на штрајк, но дека тој треба да биде последен чекор. Социјалниот дијалог со СОНК, рече Шаќири, ќе продолжи за да се најде решение.

СОНК го организира генералниот штрајк во училиштата и градинките бидејќи не е исполнето нивното барање веднаш да се зголемат платите на вработените во образованието и градинките за 18,4 проценти, односно нивно усогласување со порастот на минималната плата, која од овој месец е зголемена од 15.200 на 18.000 денари. Дополнително, СОНК бара минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места.

Преговорите меѓу СОНК и Владата во изминатите две недели завршија без договор. По последната средба минатиот понеделник, Неделков рече дека нема краткорочно решение со кое веднаш ќе се зголемат платите на дејностите што ги застапува Синдикатот и поради тоа вчера го активираше најавениот штрајк.

Поврзани новости