Комисијата за европски прашања во македонското Собрание денеска ќе ја продолжи расправата за предложените измени на законите поврзани со изградбата на коридорите, означени со европско знаменце, кои треба да се донесат по скратена постапка. Се очекува да се отвори дискусија по Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, по скратена постапка.
Информациите се дека на дневен ред на оваа седница се и Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за градење, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија, сите по скратена постапка.
На дневен ред е и Предлог на законот за академија за судии и јавни обвинители, по скратена постапка.
Досега на дебатата на Комисијата опозицијата даде забелешки на носењето на законите со европско знаменце и по скратена постапка. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека и со овој закон се крши Уставот, се суспендираат законите во државава и се воведува беззаконие, предлогот е нејасен и нетранспарентен.
Главната нивна забелешка е дека планската документација при проектирање со измените се става вон сила и за изградба на патните делници ќе биде доволно само урбанистички проект, што, според нив, ќе доведе до штетни последици и ќе овозможи и во иднина секој да гради каде што сака.
За пратениците од власта, измените и дополнувањата на Законот за урбанистичко градење во никој случај не одат на прескокнување на постапка и не ја нарушуваат постоечката регулатива.