Продолжува расправата за кандидатите за уставни судии

by fokus

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на денешната седница треба да ја продолжи дебатата за избор на судии на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

Членовите на комисијата во средата расправаа за предлогот Тодор Витларов, вработен во Вишото јавно обвинителство во Штип, да биде уставен судија.

Според пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, функцијата уставен судија е можеби најмоќната функција во државата. Сметаат дека се дава поддршка на, како што велат, партиски послушници и поданици, а не на квалитетот и капацитето на кандидатите или пак на нивниот интегритет.

Од предложените кандидати на СДСМ, според нив, никој не се истакнува со нешто видливо во однос на работата и немаат импресивна кариера.

Досега членовите на Комисијата ја изгласаа кандидатката Татјана Васиќ Бозаџиева, која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство, да биде предложена до Собранието за судија на Уставниот суд.

Пратениците досега, освен за Васиќ Бозаџиева, дадоа поддршка и за кандидатурата на граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје Фатмир Скендер. Тие, како и републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, се предложени од владејачките партии.

Од шестмината кои се предлози од ВМРО-ДПМНЕ, досега е одбиена кандидатурата на универзитетската професорка Родна Живковска. Предлози на опозицијата се и универзитетскиот професор Саво Климовски, судијата во пензија Бранко Секуловски, судијката од Управниот суд Весна Јовановска, обвинителот Тодор Витларов и Војислав Димовски јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид.

Поврзани новости