Продолжува мисијата со куферот на хуманоста на Јовиќ: Некои колеги удрија по мене, но нема да ме поколебаат!

by fokus

Музичарот Ѓоко Јовиќ синоќа во угостителски локал во Куманово повторно го прекина својот настап и го извади куферот на хуманоста пред гостите. Овој пат, тој собираше донации за лекување на младиот Игор Петрески, и за само 15 минути заедно со момците од ,,Енерџи бенд” успеале да соберат 25.000 денари.

Пред десеттина дена, тој одвои време од својот настап со цел да се донираат средства за Ирена Танчева, млада мајка на која и е потребно скапо лекување во Русија. За ,,Фокус” раскажува дека идејата на секој свој настап да пее по 15 минути за лица на кои им е потребна финансиска помош ја добил од свој колега од соседна Србија. Бил трогнат и воодушевен од гестот, па решил и самиот да започне да го применува. Во изминатиот период, десеттина лица добиле донации кои тој ги собрал пеејќи по локалите во земјава.

-Не можев ниту да помислам дека ова што го правам ќе предивика голем интерес во јавноста. Целото внимание и благодарност според мене, му припаѓа на Бог, јас само го правам тоа што најдобро го знам и умеам – пејам. Кога веќе сум во таа позиција да можам да го поттикнам народот на хуманост и добрина, нормално е дека ќе го правам тоа. Голем верник сум, Бог ми дал дарба за музика, а тоа што настапите ми добија хуманитарен карактер го гледам како нешто кое не треба да изненадува. Секој кој може да помогне некому, на било кој начин, не треба да се двоуми – раскажува Јовиќ.

Вели дека сепак, и покрај најискрените намери, деновиве доста се разочарал кога на социјалните мрежи се појавиле негативни коментари и статуси од негови колеги, кои обвинувале дека петанесетте минути за хуманост, всушност ги одвојувал за да си прави реклама и да стекне поголема популарност.

-Почнав да ги читам негативните коментари од мои колеги, кои не би сакал да ги именувам, и прекинав со читање. Разочарувачки е како некои луѓе во секоја добра работа ќе пронајдат нешто лошо, ќе се обидат да те омаловажат, да те навредат. Мојата порака до јавноста е дека јас ова не го правам поради никаква реклама, туку само сакам да го поттикнам народот на хуманост. И оние колеги, на кои ова им смета, можат и тие самите да започнат да го применуваат. Чувството кога им ги носам донациите на луѓето е непроценливо, кога тоа ќе го доживеат, верувам оние кои ме критикуваат ќе го сменат мислењето – вели музичарот.

Додава дека неретко при средбите со лицата за кои хуманитарно пеел има солзи радосници, и признава дека и тој си заминувал со насолзени очи, но среќен што допринел во надминувањето на нечија тешка состојба.

-По настап им носам на луѓето за кои сум пеел таа ноќ по 500, по 800 евра, колку се собрало – толку. Не можам да ви ја опишам нивната благодарност, посебно поради тоа што често се работи за луѓе чии месечни примања се дури и за неколку пати помали. Куферот на хуманоста, како што веќе го нарекува публиката, всушност и не е секогаш истиот куфер, се работи за оние куфери во кои ги носиме инструментите, па кој прв ќе ни дојде пред рака, го ставаме на бината, отворен за донации. Она што ми е многу драго е тоа што нашиот народ ја покажа својата големина, луѓето од се срце оставаат донации, кој колку може. Никакви лоши коментари нема да ме поколебаат и ќе продолжам со оваа убава мисија на наредните настапи – ни изјави Јовиќ, кој долги години е дел од естрадата.

Ја започна кариерата како фолк пејач, а денес има зад себе и албуми со поп музика.

Вики Клинчарова

Поврзани новости