Протестите со кои се бара оставка на владата на бугарскиот премиер Бојко Борисов и главниот државен обвинител продолжија и денеска во главниот град Софија и во уште 11 градови во Бугарија.
Протестите на илјадниците демонстранти во Софија започнаа во 15,30 часот по локално време пред зградите на претседателската администрација, на владата и на Националното собрание (парламентот). Демонстрантите извикуваат „Мафија“ и „Оставка“ а наспроти нив се распоредени полициски кордони.
Засебен протест со кој се бара оставка на министерот Младен Маринов се одржуваат и пред зградата на Минисерството за внатрешни работи. Повод за овој протест се случаи на полициска бруталност, поради што биле хоспитализирани неколку лица.
Директорот на софиската полиција, Георги Хаџиев, претходно на брифинг со новинарит рекол дека во врска со случаите на насилство се води внатрешна истрага чии резултати ќе бидат познати најмногу за еден месец.
Бугарското министерство за внатрешни работи соопшти дека на протестите во понеделникот сѐ уште нема регистирано нарушување на јавниот ред и мир, како и дека во вечерните часови е приведено едно лице.
Првиот масовен протест во Софија се одржа на 9-ти јули, кога повеќе илјади граѓани од разни политички провиниенции и претставници на општествени организации се собраа пред седиштето на шефот на државата, изразувајќи му поддршка на претседателот Румен Радев.
Причината за протесот се некои постапки на обвинителството кое издаде наредби за апсење на двајца високо позиционирани функционери од администрацијата на претседателот на земјата.
Според политички аналитичари, ваквите постапки на правосудните органи се една од етапите на политичкиот напад врз претседателот Радев, кој последниот период остро ја критикува владата на премиерот Борисов.
Оттогаш протестните собири во центарот на Софија станаа секојдневни, а во саботата пред демонстрантите се обрати Радев кој ги повика владата и државниот обвинител да поднесат оставки.
Учесниците на протестите кои се организираат преку социјалните мрежи, најавуваат дека имаат намера да продолжат со нивните активности и се подготвени да го блокираат Народното собрание за да ги спречат парламентарците да влезат во зградата.