Рокот за пријавување за втората фаза од вакцинацијата против Ковид-19 за новинарите и медиумските работници е продолжен и трае до 23 април (петок), информираат Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).
-На овој повик нема ограничувања и може да се пријават сите новинари и медиумски работници кои имаат активен ангажман поврзан со некој медиум, како и слободни новинари и медиумски работници. Имунизацијата, во соработка со Министерството за здравство се очекува да биде организирана наскоро, за што пријавените навремено ќе бидат известени, како за термините, така и за локацијата, велат оттаму.
Лицата кои се пријавија на првиот повик, а кои не ги исполнија условите за првата фаза од вакцинацијата, додаваат, се ставени на списокот за вториот круг на вакцинирање.
ССНМ и ЗНМ ги замолуваат пријавените да ја проверат точноста на контакт податоците (електронска пошта) кои ги доставиле до нив и доколку увидат одредени грешки да ги известат во најкус можен рок за, како што велат, да не доаѓа до недоразбирања при известување за термините.
-Начинот на пријавување е ист како и за првата фаза и ќе оди преку редакциите кои треба да достават список на електронската пошта: contact@ssnm.org.mk единствено со испраќање на пополнет формулар кој можете да го симнете тука. Ќе се прифаќаат пријавите кои се испратени исклучиво во овој образец во кој треба да биде означено одговорно лице за контакт од редакцијата. Рокот за поднесување на формуларот е 21 април (среда) до 24 часот, прецизираат од ССНМ и ЗНМ.