Продолжен притворот на осомничените за киднапирањето на Самоил, по него се уште се трага

by Fokus

На двете лица осомничени дека се вмешани во киднапирањето на Самоил Костадиновски им е продолжен притворот, потврдија од Кривичниот суд за „Фокус“. Мерката им истече вчера, поради што обвинителството побарало продолжување, а судијата го прифатил предлогот.

30-годишникот и 25-годишникот се веќе еден месец во притвор, а се уште нема ни трага ни глас од Самоил. Од Обвинителството за „Фокус“ велат дека преземаат дејства, дека приоритет им е дa го најдат Самоил, а потоа и да испитаат евентуална кривична одговорност. Детали не соопштуваат за да не и се наштети на истрагата.

„Во периодот од исчезнувањето на лицето до денес постојано се обезбедуваат докази и се вршат проверки и распити на лица кои со своите сознанија придонесуваат за расчистување на настанот. Врз основа на доказите обезбедени до овој момент, поведена е истрага против две лица за кои постои основано сомнение дека учествувале во дејствија на грабнување на лицето. Дополнително, со координирани активности на надлежното обвинителство и Министерството за внатрешни работи се обезбедени и се обезбедуваат и други докази, но за да не се наштети на постапката јавното обвинителство не е во можност да сподели детали“, велат од Обвинителството.

Самоил Костадиновски исчезна на 4-ти март годинава. Последен пат бил виден во близина на Чешката амбасада. Семејството објави дека сивиот опел со кој бил гранбат по три дена бил пронајден опожарен во Драчево.

Поврзани новости