Рестриктивните мерки во Грција, односно карантинот, продолжен е за уште една седмица и наместо на 7, ќе заврши на 14 декември 2020 година, јави дописничката на МИА од Атина.
Портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите, ја соопшти одлуката, објаснувајќи дека според последните податоци постои стабилизирање или намалување на новите случаи, но со побавен ритам од очекуваното, додека пак во болниците има повеќе отпуштени, отколку примени пациенти, но сепак во северниот дел на Грција голем дел од болниците се под сериозен притисок.
-Со овие податоци очигледно е дека постепеното отворање на економската и општествената активност временски се оддалечува. Затоа, засега, постоечките рестриктивни мерки за заштита од корона вирусот се продолжуваат до понеделник 14 декември 2020 година во 6 часот наутро, рече Пецас.
Паралелно, и владиниот портпарол и Министерството за развој и инвестиции на Грција соопштија дека од понеделник ќе се отворат сезонските продавници, односно оние кои продаваат исклучиво новогодишни и божиќни производи.