Украинското Министерство за инфраструктура денеска соопшти дека е постигнат договор за продолжување на иницијативата за извоз на украинско жито преку Црното Море за 120 дена.
„Оваа одлука е штотуку донесена во Истанбул. Обединетите нации и Турција остануваат гаранти на иницијативата“, стои во соопштението.
Министерот за инфраструктура на Украина, Олександр Кубраков, на Твитер објави дека договорот за продолжување на иницијативата бил постигнат меѓу генералниот секретар на Обединетите нации Антионио Гутереш, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Иницијативата за извоз на жито преку Црното Море ќе биде продолжена за 120 дена. Украинскиот претседател Зеленски заедно со генералниот секретар на Обединетите нации Гутереш и турскиот претседател Ердоган направи уште еден значен чекор во глобалната борба против кризата со храна“, напиша Кубраков на Твитер.
Русија и Украина во јули годинава се согласија за деблокирање на украинските поморски пристаништа и извоз на житни култури од оваа земја. Договорот беше потпишан од министри од двете земји на 22 јули, а со посредство на Обединетите нации и Турција.