Вицепремиерот Бојан Маричиќ на денешната конференција „Политики за промоција на арбитража и медијација во Северна Македонија“ рече дека македонската Влада е целосно посветена на евроинтеграцијата на земјата и нејзината севкупна подготвеност за преземање на обврските од полноправно членство во 2030 година.
„Медијацијата и арбитражата, се значаен столб за подобрување на пристапот до правдата, овозможувајќи им на бизнисите во Северна Македонија побрз, а честопати поевтин и пофлексибилен начин за решавање споровите во споредба со традиционалниот судски начин на решавање на спорови. Ова не само што ја подобрува севкупната ефикасност на судскиот систем, туку дополнително го зацврстува владеењето на правото и правната сигурност“ порача Маричиќ.
Вицепремиерот истакна дека Европската Унија во своите годишни извештаи за напредокот во Северна Македонија ја истакнува потребата земјава, релевантните комори и чинители да продолжат да вложуваат напори за промоција на медијација, арбитража и другите методи за алтернативното решавање на спорови.
„Со оглед на тоа дека првиот Кластер: Темели е оној кој прв се отвора и затвора во процесот на преговорите со Европската Унија, алтернативното решавање на спорови добива дополнително значење за земјата. Во крајна линија, целта на оваа Владата е градење ефикасен и независен судски систем и подобрување на пристапот до правдата. Ефикасното алтернативно решавање на спорови поттикнува странски инвестиции и влијае позитивно на довербата на бизнисите во правниот систем во Северна Македонија. Затоа, создавањето на конкурентна економија и привлекување странски инвестиции зависи во голем дел и од достапните механизми за алтернативно решавање на спорови“ – рече Маричиќ.
Тој порача дека „стратешката определба на оваа Влада е јасна, и реална – полноправно членство во Европската Унија до 2030 година. Со самото членство, бизнис секторот во Северна Македонија ќе биде вклучен во зголемен број прекугранични трансакции и соработки, а методите на алтернативно решавање на спорови можат да придонесат кон стабилноста на меѓународните односи и трговската размена на земјата“.