Продажбата на „Славија“ е запрена поради барање за времена мерка доставено до Судот, тврди Владата

by Fokus

Продажбата на АД „Славија“ е привремено запрена поради барање за времена мерка доставено до Судот, кој по службена должност постапил по барањето на поранешниот сопственик на акциите на ова акционерско друштво, Кирил Кочевски, соопшти денеска Секторот за односи со јавноста на Владата, реагирајќи на тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ за кои се посочува дека се „целосно неточни и манипулативни“, дека наводно Агенцијата за управување со одземен имот се откажала од продажбата на акциите на „Славија“.

– Вакво барање е доставено и до Централен депозитар за хартии од вредност и до Комисија за хартии од вредност. Против лицето Кирил Кочевски е донесена првичната пресудата за одземање на акциите на АД „Славија“ поради сторено кривично дело. Законско право е на поранешниот сопственик да побара времена мерка од Судот, се наведува во соопштението.

Од владината прес-служба посочуваат дека Управниот одбор на Агенцијата врз основа на доставениот предлог за поведување на постапка за времена мерка добиен од Судот и согласно досегашната пракса, одлучил времено да ја запре постапката за продажба.

– Тоа значи дека продажбата не може да се реализира додека трае времената мерка, но не значи дека Агенцијата се откажала од продажбата на акции, се додава во соопштението.

Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски денеска на прес конференција излезе со тврдење дека „власта и СДСМ се откажале од продажба на АД „Славија“, признавајќи ја вината“.

 

Поврзани новости