По објавувањето на сторијата во „Фокус“ дека фирма за осветлување со еден вработен го купила хотелот на Попова Шапка за 55 илјади евра од АД „Гранит“, непосредно пред градежната компанија да склучи втор договор со ЈП за државни патишта вреден над 11 милиони евра за трасата од 2 километри од автопатската делница кон Блаце, коментар даде и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Според него, станува збор за уште еден сликовит и еклатантен пример дека последните гласања во Собрание за избор на новата влада не се за промена на Уставот со цел отворање на преговорите со Европската Унија, туку, за продолжување на криминал, каде што по цена на гарсониера се купуваат хотели.
–Значи, по цена на гарсониера се купува хотел и е платен, според она што можев да го прочитам од медиумите, од лице кое што е блиско до раководството на Демократската унија за интеграција. И сега, што треба ние повеќе да зборуваме? Просто, човек да се срами што е дел од оваа политичка сцена на која што мора да го дели просторот со тие луѓе – рече Мицкоски.
Претходно, реагираше и неговата ВМРО-ДПМНЕ, од каде соопштија: „Како е можно сите зделки кои се поврзуваат со луѓе околу Артан Груби да се склучуваат и 20 или 30 пати под цена? Која е економската оправданост за продажба на хотел за 55.000 евра? Дали продажбата е услов за потпишување на договор на власта со таа градежна фирма и дали станува збор за рекет? ЈО не смее да чека, купувањето на вреден имот под цена на луѓе околу Груби е крајно симптоматично и мора да подлежи на истрага“.
Како што објави неделникот „Фокус“, во време кога се најавува модернизација на Попова Шапка од страна на странски концесионер, „Гранит“ го продал опожарениот хотел за 55 илјади евра на фирмата со еден вработен што последните години работи со загуба – „Еуро Ком Лигхтинг“, во сопственост на македонски и турски државјанин, која е основана од актуелниот претседател на ФК „Шкупи“ Суат Аљија, своевремено ангажиран во Царинската управа.
Влатко Стојановски