Советниците на Општина Велес денес треба да расправаат и да одлучуваат за оттуѓување на државно земјиште во непосредна близина на езерото Младост, вклучително и на две поголеми парцели, каде Деталниот урбанистички план предвидува изградба на хотели, како и една помала парцела предвидена за мотел.
Всушност, на дневен ред на денешната седница е Програмата за продажба на градежно земјиште за 2022 година, која, доколку биде усвоена, создава терен за приватизација на повеќе парцели покрај велешкото езеро, каде важечкиот ДУП донесен уште во 2007 година предвидува изградба на хотели, мотел, камп со шатори и други деловни единици.
Притоа, најголемата од овие парцели предвидени за продажба, кои спаѓаат во катастарска општина Башино село-вон град (108/39), има површина од 10.659 квадрати. Таму се предвидува изградба на хотел со градежна површина од 4.779 квадрати, така што се допушта бруто развиена површина од 19.115 квадрати, со максимално дозволена висина од 13 и пол метри.
Исто така, во непосредна близина се предвидува и изградба на помал хотел. Имено, станува збор на парцела (108/38) со површина од 6.617 квадрати, каде се овозможува изградба на хотел со градежна површина од 1.461 квадрати, чија бруто развоена површина може да изнесува 5.845 квадрати, а максимална дозволена висина е 13 и пол метри.
Инаку, меѓу овие две парцели предвидени за изградба на хотели, веќе е приватизирана парцела со површина од над 4.400 квадратни метри, каде има изградено хотел на 5 ката. Покрај двата хотели од двете страни на веќе изградениот објект, се предвидува оттуѓување и на една парцела (108/41) за изградба на мотел на градежната површина од 802 квадрати и со бруто развиена површина од 2.407 квадрати.
Како што предвидува активниот ДУП донесен уште во 2007 година за овој реон, во повеќе споени парцели се вцртани маркици со намена А4, со што се означува времено сместување, односно мотели, викенд куќи, планинарски домови, ловни домови, кампови итн. Патем, со Програмата се предвидува и продажба на парцели наменети за камп со шатори, од кои едната е со површина од 7.632 квадрати (108/49), другата со површина од 4.737 квадрати (125/5) итн.
ОДРЖУВАЊЕ НА ЛОКАЛЕН РЕФЕРЕНДУМ
Во однос на оваа програма, особено поради продажбата на трите парцели со вкупна површина од околу 20 илјади квадратни метри наменети за изградба на два хотели и еден мотел, реагираа од Левица, од каде се спротивставуваат на приватизацијата на земјиште и урбанизацијата на делот околу велешкото езеро.
–Се работи за супер атрактивен општински имот кој ќе го купат луѓе кои имаат многу пари. Класика. Приказна која ја читаме и ја живееме како реалност во последните 30 години. И тука не гледам проблем. Идеологијата на светото тројство ДПМНЕ/ДУИ/СДС е таа. Поданици на парите, бизнисот и профитот. Ќе си го продадете општинскиот имот за грст златници“, реагираше Игор Смилев, советник од Левица.
Координаторот на советничката група на Левица, Димитар Абрашев, пак, вели дека тие не се во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, како што ги обвинува СДСМ, туку само даваат поддршка на определени проекти. Според него, ВМРО-ДПМНЕ го контролира потребното мнозинство со помош на советникот на ДУИ, кој на првата седница бил со СДСМ, а веднаш потоа преминал во таборот на ВМРО-ДПМНЕ.
–Ние сме јасно против за изграбна на објекти околу езерото Младост. Делот околу езерото не треба да се урбанизира на ваков начин, туку овој предел треба да се пошуми, особено поради тоа што на овие места изгоре вегетацијата за време на неодамнешните големи пожари – ни изјави Абрашев, додавајќи дека нивниот став е дека за ова прашање треба да се одржи локален референдум.
НЕУСПЕШНИ ОБИДИ ЗА ПРОДАЖБА
Градоначалникот на Велес Марко Колев, за Фокус вели дека парцелите се предвидени за продажба согласно план одобрен со одлука на Совет уште во 2007 година, врз основа на добиена согласност од Министерството за транспорт и врски. Тој посочува дека се работи за последните две парцели за хотели, една за мотел и три за камп, од вкупно 17 градежни парцели кои, како што истакнува, неуспешно се објавуваат секоја година.
–Едната од парцелите се наоѓа на карпест предел, а другите две во делови каде што веќе има изградени или објекти во изградба. Оттука, целосно е неточно тврдењето на советниците од Левица дека ќе се узурпира и урбанизира шумското подрачје околу езерото. Напротив, купувачите на парцелите ќе имаат законска обврска за озеленување на минимум 20 отсто од површината на истите – објаснува Колев.
Тој додава дека како градоначалник се залага за соработка со сите засегнати страни поради што, како што нагласува, на оваа тема одржал средба со советниците од Левица. Според Колев, на оваа средба сите страни дошле до заеднички заклучок за обврската на Општината за поставување на оваа точка на дневен ред, но, сепак, потенцира тој, Левица продолжува, како што вели, да се служи со политичка манипулација.
–Градот Велес и јас како градоначалник се грижиме за целокупната добросостојба на граѓаните, вклучително и за зачувување и одржување на животната средина – порачува Колев, кој доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, која, според Левица, е на спротивна страна со ДУИ на централно ниво и во сите општини, освен во Велес.
Влатко Стојановски