Нападот во „Теномаркет“ што се гледа на видеото објавено денеска на социјалните мрежи се случил во септември, а двајцата напаѓачи се фатени и против нив е поднесена пријава.
Иако нападот се случил пред повеќе од месец и половина, денеска „Курир“ на социјалната мрежа X објави видео под наслов „Напаѓачи од скопски Сарај претепуваат вработен на Техномаркет среде Скопје“.
Видеото е од надзорните камери и се гледа како двајца напаѓачи прво го напаѓаат едниот вработен, кој со клоци и со боксови го удираат неколку минути, а кога се обидува колега да му помогне, удираат и по другиот. Други информации не се објавени.
Сепак според официјално објавените информации од МВР, полициски службеници од единицата за насилен криминал при СВР Скопје по преземени мерки и активности, на 25 септември ги лишиле од слобода Ф.В.(25) и А.Ф.(33), двајцата од Скопје.
Тие се сомничат дека на 20.09.2023 во продажен објект кај арената „Тоше Проески“ физички го нападнале вработениот А.В. од Скопје.
Двајцата биле задржани во полициска станица и во службен разговор со полициски службеници го признале делото. Во координација со јавен обвинител против нив е поднесена кривична пријава, а од страна на судија на претходна постапка определена им е мерка домашен притвор, соопштиле тогашаш од МВР.
Од Министерството за внатрешни работи апелираат да не се шират лажни вести.
-Расчистен е нападот во Техномаркет, насилниците се приведени пред месец ипол ! Апелираме да не се шират лажни вести кои имаат за цел да ги вознемират граѓаните, велат од МВР.