Прочка претставува голем празник за македонскиот народ и со него се поврзани голем број обичаи и верувања. Очигледно е дека проштавањето е обичај востановен под влијание на црквата, додека огновите, гатањата, карневалите… се остатоци од претхристијанските пролетни забави.
Празникот Прочка или Велики поклади, меѓу народот познат и како Проштени поклади, спаѓа во најголемите христијански празници, според некои веднаш по Божик и Велигден. Овој празник доаѓа по неколкуте зимски празници, како што се: Бадник, Божик, Водици, Св. Трифун и ги поврзува со поголемиот број пролетни празници, како што се: Тодорова сабота, Летник, Св. 40 маченици (Младенци), Благовештение, Цветници, Лазарева сабота, Велигден, Ѓурѓовден и др. Со Прочка започнуваат и долгите велигденски пости, период исполнет со многу обичаи и верувања, со многу одречувања и надежи за пречек на Христовото воскресение (Велигден) за причесна и идентификација со Спасителот Исус Христос.
На Прочка се изведуваат богати обичаи, како што се проштавањето (оттука и празникот го добил името), потоа амкањето, обредните огнови, богатата трпеза, гатањето за живот и среќа, обичаите за очистувањето од болви, вошки и други штетници итн. Очигледно е дека некои обичаи, како што е на пр. проштавањето имаат христијанска основа, додека другите се остатоци од претхристијанските пролетни празнувања.