Проблемот со смртта на овчарот е мултиинституционален, одговорноста ќе ја утврди Обвинителството, вели Ангелов

by fokus

Дисциплинска комисија ќе ја утврдува одговорноста врз основа на конечниот извештај на Комисија за утврдување на правилноста во примената на мапите на работен процес формирана на 5 април, за работењето на РЦУК Кратово, РЦУК Куманово и Дежурниот оперативен центар, ДОЦ на ЦУК, а во врска со настанот за спасување на настраданиот од мозочен удар и премрзнување од високопланинското село Емирица.

Ова го најави директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов на денешната прес-конференција и нагласи дека на крај одговорноста ќе ја утврди Јавното обвинителство.

Ангелов на прес-конференција повтори дека се направени во овој случај мали пропусти, но, нагласи, дека проблемот е мултиинституционален. Информира дека минатата недела побарал од Министерството за здравство информација дали и колку се почитувани медицинските протоколи, а истото било побарано и од МВР, од Министерството за локална самоуправа.

– Во ниту еден момент ЦУК не се прогласил за ненадлежен. Од страна на ЦУК се преземени низа дејствија и контактирани се безмалку сите субјекти на системот за управување со криза, изјави дирекеторот на ЦУК и изрази надеж дека инволвираниот доктор во овој случај ќе има доблест, како што рече, да каже дека погрешил за неговиот директен напад кон ЦУК.

Според д-р Стевко Стефковски, раководител на секторот за аналитика во ЦУК, и раководител на Комисијата што го испитуваше случајот, самите мапи на работен процес се од постар датум за РЦУК за Кратово и за Куманово се од 2015 година, има пропусти во водењето дневник за самиот настан и евиденција на случените разговори, како и одредени технички недостатоци, пред се снимањето на разговори.

Љупчо Крстевски, самостоен референт во републичкиот центар за управување во Кратово, оперативецот кај кого прво доаѓа информацијата дека на лице му е потребна итна медицинска помош во случајот кај село Емирица и Тони Ивановски советник и вд раководител во ЦУК во Кратово, на денешната прес-конференција тврдеа дека никој од нив не се прогласил за ненадлежен и оти ниту еднаш не бил побаран хеликоптер, туку само теренско возило.

– Хеликоптер во ниту момент не беше побарано, ниту од директорот на Здравствениот дом, ниту од докторот на лице место присутен со пациентот, тоа така си остана, појаснуваше меѓу другото Крстевски.

Ивановски посочи дека веднаш почнал телефонски да ги контактира институциите за да помогнат со теренско возило и на екипата за пациентот да се донесе во болнички услови.

– Никој во ЦУК нема кажано дека не сме надлежни, ако било тоа така немаше да вртам и да барам теренско возило. Известен сум дека на докторот му е понудено теренско возило од Брзата помош, но тој го има одбиено. Хеликоптер во никој случај не беше побарано, од негова страна беше побарано само теренско возило, изјави Ивановски.

Настанот, спасување на настраданиот од мозочен удар и премрзнување се случи на 31 март (среда) во Општина Кратово од високопланинското село Емирица, за што беше објавено на социјалните медиуми во неделата (4 април), а предизвика голем интерес во јавноста.

Поврзани новости