Во Општина Пробиштип се одржува петдневната културно-забавна програма по повод Денот на рударите. Настанот започна вчера, со концерт на ансамбл ,,Македонија”, а продолжува во наредните денови со гостувања на повеќе имиња од рок сцената.
Изборот на музичките гости во Пробиштип е изненадување, со оглед на тоа што на некој начин стана традиција на општински манифестации да се носат турбофолк гости од соседството.
Имено, изминатиот период во земјава се актуелни најавите за голем број на општински манифестации кои традиционално се одржуваат секоја година, покриени од општински буџет и од спонзори. Најчестиот концепт на овие настани е гостување на домашни музичари како предгрупи на главните музички ѕвезди- популарни турбофолкери од регионот.
Се случува истите турбофолк имиња да се повторуваат на повеќе манифестации, под образложение на организаторот дека токму тие носат најмногу публика.
Пробиштип е една од ретките општини која се одлучила да им даде предност на рок музичарите пред турбофолкерите. Интересот за настанот ќе покаже дали кај нас може со рок музика да се преполни плоштад и да се донесат гости и од други градови, или пак турбофолкот останува проверен рецепт за масовна посетеност.
Според објавената програма, во Пробиштип вечерва ќе се одржи „Рудар рок фест“ на кој ќе настапат „Преку ред“, „Прв ред“, „Ashborn“, „Беседа“, „Мамут“ и „Last Expedition“.
Утре пак, на 26-ти август, гостуваат македонски музички музичари, и тоа Дани Димитровска, Ѓезме, Игор Џамбазов и Гуру Харе и Дац и Александар.
Во недела на 27-ми, настапуваат балканските ѕвезди „Фрајле“ и „Прљаво казалиште“, како и трибјут бендот „Бело копче“. Манифестацијата завршува во понеделник, со концерт на Наташа Малинкова.
Вики Клинчарова