Популарните фолк пејачи Сузана Спасовска и Наум Петрески добија признанија за животни достигнувања на првото издание на манифестацијата „Фолк вечер на популарноста” која се одржа синоќа во хотел во Кочани.
-Одејќи по патот на македонската песна овие 37 години, добивав признанија и награди кои се многу значајни и единствени за мене како уметник. Големо благодарам за признанието за животно достигнување во категоријата легенди на „Фолк вечерта на популарноста 2023″. Ова е уште еден поттик за создавање на следни проекти, оставање личен печат во едно време и патека по која ќе чекорат следните генерации – истакна Спасовска, и порача дека посакува манифестацијата да трае долго.
Покрај Спасовска и Петрески, награди добија и повеќе нивни колеги, помеѓу кои Ленче и Горан Кукиќ, Јордан Митев, Сузана Гавазова, Влатко Миладиноски…
Постхумно признание беше доделено за хармоникашот и композитор Милан Завков.
Организатор на настанот е Иванчо Митев, додека пак музичарот Благоја Грујовски е уметнички директор, а и водител на шоуто.
Кога се најави манифестацијата, Грујовски за „Фокус” изјави дека фокусот на настанот ќе бидат оние музичари кои се најактуелни, и кои ја промовираат македонската песна ширум светот. Кажа дека на фолк браншата не и се дава доволно значење, па целта на „Фолк вечер на популарноста” била да се крене на едно повисоко ниво македонската народна музика.