Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија и заменик претседател на Коморскиот инвестициски форум, Бранко Азески, како и претседавачот на Собранието на Стопанската комора на Северна Македонија, Антони Пешев, денеска во Ниш му врачија специјално признание на претседателот на Регионалната комора во Ниш во рамки на Стопанската комора на Србија, Александар Миличевиќ, за одличната соработка, организација и посветеност за имунизацијата на македонските стопанственици.
За два дена, на 27 и 28 март 2021, во спортскиот центар „Чаир“ во Ниш беа вакцинирани повеќе од 2000 македонски стопанственици – претставници на над 1000 компании-членки на Стопанската комора.
– Со оваа акција докажавме дека нашата билатерална соработка, но и соработката во рамки на Коморскиот инвестициски форум е од голема важност, не само кога станува збор за економијата, туку и за секојдневното живеење. Плакетата која ја врачувам денеска е само мало одбележување на посветеноста, експедитивноста, услужливоста и професионализмот што го покажа тимот на Стопанската комора на Србија – Регионална комора во Ниш, предводен од Миличевиќ, без чиј активен ангажман немаше да биде возможна реализацијата на толку масовна акција во толку краток рок. Ваквите активности најдиректно покажуваат зошто ни е важна регионалната соработка, и колку придобивки може да имаме во целиот регион ако заеднички работиме, посочи Азески.
Во 2020 година, во вкупниот обем на трговската размена на Република Северна Македонија со светот, земјите од регионот на Западен Балкан ЗБ-6 учествуваат со 10,22 отсто, при што реализиран е вкупен извоз во вредност од 636,4 милиони евра и вкупен увоз во вредност од 731,5 милиони евра. Србија е трет трговски партнер на Република Северна Македонија во 2020 година, со реализиран вкупен обем на размена во вредност од 781,4 милиони евра.