„Признавам вина и му се извинувам и на семејството и на јавноста“, рече денеска во судот во Велес, возачот кој го прегази 11-годишното девојче на 17 декември лани, јави тв24.
Обвинет за сообраќајната несреќа е Ангелче Николов (30).
Обвинителката Славица Темелковски, како што јави телевизијата, побара од судот при изрекувањето на пресудата да го има предвид тоа што Николов претходно два пати бил казнуван за возење во алкохолизирана состојба и тоа што два дена се криеше од органите за прогон.
Објавувањето на пресудата е закажано за в петок.
Кобната ноќ сообраќајката се случи на улицата „Борис Трајковски“ во Велес, кога тој со автомобил „мерцедес“ удри во девојчето и мајката.
Девојчето почина на самото место, а мајката се здоби со телесни повреди.
Возачот тогаш избега од местото на несреќата, а по два дена се пријави во полиција.
Адвокатот на оштететеното семејство, Јанаки Митровски побара од Обвинителство да истражи кој го криел Николов два дена.
„Заврши судењето за Ангелчо Николов во Велес кој ја усмрти 11 годишната Магдалена Иванова. Призна дело, се изведоа доказите. Во воведни зборови, наместо да се концентрира на обвинетиот, ЈО Славица на скандалозен начин се обиде да ме шиканира, осврнувајки се на тоа зашто нема кривичен прогон за селаните кои го криеја, како и за сопатниците кои се вратија на лице место, а не сакаа да го откријат идентитетот. Возилото е пронајдено поради испадната регистрација, а да не беше тоа случај? Па така ЈО Славица кажа дека обвинителството не било рекла казала, или фејсбук институција јасно алудирајки на моето алармирање преку социјални мрежи. Единствено мојата почит кон судијките Габриела и Валентина кои се одлични судии ме спречија да реагирам како што знам и умеам бидејќи одамна сум се решил дека нема да дозволам никој да ме гази. А да се концентрираше колешката ЈО на предметот колку што ми дреме по социјални мрежи, можеби немаше да и промакне погрешната квалификација на повреди за мајката на детето, каде лекарот со две фрактури ги квалификува како телесни, а не тешки телесни повреди. Поради неактивноста на ЈО Славица поднесов кривична пријава, која поради моја грешка, ќе ја прецизирам задутре кога на 17.03. во 12.00 часот е закажана објавата на санкцијата која ќе ја добие обвинетиот“, напиша Митровски на Фејсбук.