Фирмата „Финзи“, чиј директор Коста Крпач минатата среда беше најден мртов во неговиот стан во скопски Центар, на директен или на индиректен начин е поврзана со три компании, кои во јавноста не се експонирани, а сепак станува збор за моќни фирми со огромни приходи, пишува Призма.
Станува збор за фирмите „Ексико“, НВСП и за агенцијата за обезбедување „Секјурити груп сервисес“ или скратено СГС. Токму поврзаноста на „Финзи“ со овие компании, е можен мотив за интересот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), особено зашто фирмите СГС и НВСП се спомнуваа во т.н. бомби на опозицијата.
Првата беше спомната како фирма зад која се крие поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, а втората, како фирма на која наводно треба да легне провизијата од израелската донација наменета за опрема на полициските специјалци.
Поврзаноста меѓу „Финзи“ и фирмата НВСП, пак, е преку лицето Владислав Стајковиќ, кој исто така беше аболиран од претседателот Ѓорге Иванов, иако неизвесно е дали и каква предистражна или истражна постапка се водела против него.
БИРН успеа да го добие телефонски поранешниот директор на „Финзи“, Стајковиќ. На прашањето дали знае зошто Иванов го аболирал и какви биле неговите бизнис релации со Крпач, тој кратко одговорил:
„Јас не сум човек што шпекулира, па оттаму не можам да шпекулирам зошто сум аболиран. Не е во ред сега да зборувам за Крпач, да го оставиме човекот да почива во мир, не е христијански сега да зборувам за тоа“.
На прашањето дали ќе бара претседателот да ја повлече одлуката за негова аболиција, Стајковиќ рекол:
„Тоа е моја работа“.
Стајковиќ, според документите од Централниот регистар, бил директор на „Финзи“ до 2011, кога на таа позиција доаѓа сега покојниот Коста Крпач. Стајковиќ е газда на НВСП и директор на „Мобико“, фирма каде што сопственик е Жарко Луковски, главен оперативен директор на Македонски Телеком, кој е во кумски врски со Сашо Мијалков и кој исто така беше аболиран од страна на Иванов.
„Финзи“ е формирана 2009 година, а како сопственик се јавува фирма од Соединетите Американски Држави, Finzy LLC, лоцирана на 41 State Street Suite 106, Albany. Фирмата, според документите од САД, е регистрирана и е активна. Токму оваа адреса води кон мистериозната скопска фирма „Ексико“, бидејќи вториот газда на „Ексико“ е фирмата Калвус ЛЛЦ, исто така лоцирана на адресата 41 State Street Suite, Albany.
На ова место, ако се гледа според Google Maps, се наоѓа административна зграда, по што следува претпоставката дека на ова место се наоѓа адвокатска канцеларија која се занимава со помагање при отворање оф-шор компании. Во еден момент на оваа американска адреса имало регистрирано и 250 компании.
Обидувајќи се да ја лоцираме компанијата Finzy LLC, наидовме на разговор објавен на каналот Youtube, каде што извесно лице се обидува да дознае дали одредена фирма (Мастер Пејперс) е регистрирана во апартманот број 106, истиот апартман каде што е регистрирана „Финзи“ ЛЛЦ. Од операторите тој добива одговор дека на тоа место е регистрирана компанија за адвокатски услуги.