Привилегиите на поранешните претседатели пред Уставен суд

by fokus

Уставниот суд на денешната седница треба да ја разгледа иницијативата поднесена за привилегиите на претседателот на државата и неговото семејство по престанување на функцијата.

Иницијативата е поднесена од Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), која бара парламентарно и уставносудско преиспитување на оправданоста на одредени законски решенија за привилегиите на поранешните претседатели.

Антикорупциската комисија во септември минатата година побара од Службата за општи и заеднички работи на Владата да го раскине договорот за закуп на просториите на поранешниот претседател Ѓорге Иванов и да му додели канцеларии во државна сопственост. Според Комисијата, просториите на поранешниот претседател се избрани во нетранспарентна постапка.

Според Законот за правата на претседателот и неговото семејство по престанок на функцијата, тој има право на пензија чиј износ е еднаков со износот на платата што ја прима претседателот на државата, има право на канцелариски простор и најмногу тројца соработници. Има и право на лично обезбедување, како и право на користење службено возило и возач. Од поранешните претседатели, Бранко Црвенковски има доживотна претседателска пензија и кабинет.

Семејството на загинатиот претседател Борис Трајковски, неговата сопруга Вилма и децата имаат други права предвидени со Законот. Актуелниот претседател Стево Пендаровски при стапувањето на функцијата најави дека по заминувањето од должноста ќе се откаже од привилегиите што му следуваат по закон – користење на канцеларии со соработници и доживотна претседателска пензија.

Според Уставот и законот, доживотните привилегии еден поранешен претседател може да ги загуби само ако бил разрешен со импичмент или ако Уставниот суд констатирал за време на мандатот дека претседателот има деловна неспособност.

Поврзани новости