Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски преку социјалните мрежи информираше дека е приведено едно лице кое го признало делото за пожарот во центарот „Иван Михајлов“ во Битола.
„Со задоволство можам да обзнанам брза и ефективна разрешница на случајот од пред три дена (04.06.2022) со кривично-правниот настан – пожар во центарот „Иван Михајлов“ во Битола, кој е веќе расчистен и имаме приведено лице кое го призна делото.
Се работеше деноноќно да се изнајде сторителот, се земаа предвид сите докази, а по извршените службени разговори во изминатите денови, вчеравечер, со судска наредба, беше извршен претрес на две локации кои ги користи Л.А.(34) од Битола, при што се пронајдени и одземени предмети поврзани со кривичното дело, по што лицето е лишено од слобода.
Уште еднаш покажавме дека единствената моќ што ја има секоја правна држава е моќта да го сузбие криминалот. И во овој сегмент нема „пардон“, нема заштитени лица – сите се еднакви пред лицето на законот, а секој којшто се огрешил – мора да одговара!“, соопшти тој на Фејсбук.