Сопственикот на нафтената компанија РКМ, Ратко Капушевски и Асмир Јахоски сопственикот на Пуцко Петрол се приведени во истрага за набавка на мазутот за ТЕЦ НЕГОТИНО и електрани.
Надлежните само потврдија дека се вршат претреси во рамки на истрага на обвинителството за гонење на организиран криминал за злоупотреби при набавка на деривати.
„Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција при БЈБ, МВР во координација со ОЈО за ГОКК по Наредба на судија на претходна постапка врши претреси на локации во Скопје и низ државата во врска со сторени кривични дела поврзани со сомнителни набавки на деривати, штета од големи размери за буџетот на државата и штета врз здравјето на луѓето“, велат од МВР за „Фокус“.
Неофицијално, откриена е мрежа на увозници кои спротивно на законот испорачале некаков вид на горива со сомнително потекло и квалитет. Овие горива најчесто содржат високи нивоа на сулфур, тешки метали или други штетни соединенија што можат да доведат до сериозно загадување на воздухот и почвата.
Според првичните информации се работи за огромна сума од околу 10 милијарди денари испумпани преку фиктивни договори за позајмици и посреднички услуги за испорака на сомнителни горива.
Капушевски во 2014 година ја напушти државната служба и потоа работеше како проект- менаџер во канцеларијата на контроверзниот руски бизнисмен Сергеј Самсоненко во Скопје, пред да го започне својот енергетски бизнис.
За името на Капушевски повеќепати беа врзувани контроверзни тендери за набавка на нафта и нафтени деривати за државни институции, а неговата компанија, РКМ, во последните години добиваше јавни набавки вредни стотици милиони евра.