Четворица демонстранти од Левица биле приведени па пуштени на слобода откако истакнале транспарент на кој пишувало „Против војна за профити“ за време на презентација на опремата на АРМ и на Армијата на САД во центарот на Скопје.
„Ние сме против милитаризација на општеството, против милитаризмот што го шири САД со оваа демонстрација на моќ во Македонија. Со ова воено дефиле ние испративме директна покана до терористите, а како држава не сме способни да се справиме со едно поголемо невреме. Ние сакаме парите да се трошат на добро образование и на добро здравство“, велат од Левица.
„Не приведуваа од ДПМНЕ, сега ќе не приведуваат и од СДСМ!? Вака полицијата на СДСМ го разбира правото на мирен протест!?“, напиша на својот Фејсбук профил Здравко Савевски од Левица.
Во рамки на воената вежба „Драгон Гардијан 2017“ вечерва во Скопје, кај порта „Македонија“, организирана е презентација на опремата на АРМ и на Армијата на САД. Покрај презентацијата на опремата, граѓаните имаат можност да проследат кратка обука за самоодбрана, а воедно ќе биде одржан и натпревар за најмладите.
Од МВР соопштија дека четворицата биле само легитимирани и веднаш пуштени на слобода.