Приведен управителот на Мош поради концерт без маски и дистанца

by Фокус

Полицијата синоќа го приведела лицето М.Д. (41) од Скопје, поради постоење основано сомнение дека како одговорно лице на ланч бар „Мош“ сторил кривично дело – непостапување според здравствени прописи за време на епидемија- казниво по член 206, став 2 од КЗ на РСМ, информираат од владата.

Лицето М.Д., како што соопшти владината Прес-служба, не го применувал протоколот за отворање и работа на угостителски објекти за исхрана и протоколот за отворање на кафетерии, како и здравствените прописи за време на епидемија, со тоа што организирал музички настан – концерт каде не се почитувало дозволеното растојание од 1,5 до 2 метри и повеќето лица не носеле заштитни маски на лицето.

„Претходната вечер (03.10), поврзано со истиот угостителски објект, на барање и во координација со Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), полициски службеници во 19:30 часот, беа во ланч барот „Мош“ при што на одговорното лице М.Д. од страна на пазарните инспектори му беше укажано да ги почитува мерките од Уредбата на Владата на РСМ во врска со пандемијата на Ковид-19, особено по однос на задолжителното физичко растојание на масите и носењето заштитни маски, стои во соопштението. Потоа во периодот од 21:00 до 23:00 часот повторно е извршена контрола на угостителскиот објект, при што се констатирани неправилности. Притоа, полициските службеници издадоа 38 платни налози на гости во локалот што не носеле заштитни маски, а од страна на ДПИ констатирано било дека не се почитува растојанието меѓу масите од 1,5 метар. Воедно, во истиот угостителски објект, околу 22:30 часот од страна на полицијата повикани се и претставници на Инспекторатот за животна средина од Oпштина Центар и извршено било мерење на бучавата во локалот. Притоа е констатирано дека таа била над дозволените граници, за што дополнително ќе биде доставена прекршочна пријава од Инспекторатот за животна средина“, велат од владата.

Поврзани новости