Кавадарчанец на возраст од 61 година вчера бил приведен во полициската станица во Кавадарци, бидејќи чувал заштитени песнопојни птици од видот штинглец и зеленка (зеленушка). Како што информираат од СВР Велес, Р.Ѓ. (61) бил лишен од слобода во тек на вчерашниот ден, откако било добиено известување од Државен инспекторат за
шумарство и ловство, дека тој држел и чувал примероци од заштитени птици.
-Полициските службеници кај Р.Г. пронашле примероци на заштитени видови на птици од видот „штиглец“ и „зеленки“, кои се одземени и предадени на Државен инспекторат за шумарство и ловство. Лицето е приведено во полициска станица и по документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава – известија од СВР Велес.
Птиците од видот штиглец и зеленушка се познати како песнопојни врапчевидни птици, долги околу 15 сантиметри, по форма и големина слични на врапче.
Зеленушката има зеленкаста боја, со жолто на крилјата и опашката, а пак штиглецот е шарена птица, слична на билбилче.
Пред неколку дена и кај 60-годишен маж од Прилеп беа пронајдени 19 птици од видот трнан и цајзли, и тој е осомничен за кривичното дело ,,убивање или уништување на заштитни видови на дива флора или фауна“, казниво по член 232 од Кривичниот законик.
Инаку, Македонија е потписник на Директивата за птици на Европската унија, но сепак не се реткост случаите со илегална трговија на строго заштитени видови на птици. Во минатото имаше случаи кога ретки птици се заловуваа и се нудеа на продажба и преку интернет огласници.
Според Законот за заштита на природата на Македонија, секакво малтретирање, отуѓување од гнездо, отстрел, чување како домашен миленик или трговија на заштитени видови на птици, е строго казниво.
Казните можат да достигнат и до неколку илјади евра.
Вики Клинчарова