Полицијата го проведе 24-годишниот И.Џ., за кого бил распишан централен распис поради бегство од затворот во Тетово, под сомнение дека извршил 75 кривични дела.
„По претходно превземени оперативни активности, полициски службеници од СВР Тетово извршија претрес во куќа на ул. “Методија Андонски“ во Гостивар, при што е приведено лицето И.Џ. (24) од село Дебреше, гостиварско, за кого претходно беше распишан централен распис поради бегство од КПУ Тетово, како и заради сомнение дека е сторител на вкупно 75 кривични дела и тоа: 51 “тешки кражби“, 18 “тешки кражби во обид“, пет “одземања на возило“ и една “кражба“, кои што се утврдени врз основа на направените проверки, ДНА вештачења, видео записи и други материјални докази. И.Џ. кривичните дела ги правел на подрачјето на Гостивар, Тетово, Струга, Охрид, Кичево, Ресен и Битола“ – се наведува во соопштението од МВР.
Според информации од полицијата, при претресот кај него, пронајден и одземен е пиштол марка “форјас таурус“ калибар 9 мм со шест куршуми во рамка и еден во цевката од пиштолот. Констатирано е дека запленетото оружје потекнува од тешка кражба во продавница во Тетово извршена на 03.01.2018. Исто така, пронајдено е и патничко возило “Ауди“, кое што приведениот го одзел во Струга, а пронајдени се и разновиден алат, фантомка и други предмети за кои постои основано сомнение дека потекнуваат од други кривични дела.
По приведувањето на И.Џ., извршен е разговор со него, при што тој ги признал делата и објаснил како ги сторил. Извршено е и препознавање од страна на оштетен.