Приведен е полицаец, член на обезбедувањето на Мицкоски – нападнал колега во угостителски објект

by Fokus

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека утринава во 00:40 часот во угостителски објект на подрачје на општина Центар, лицето Ивица Б. било лишено од слобода од страна на припадници на Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје.

„Полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје го лишиле од слобода И.Б.(43) од Скопје, полициски службеник кој не бил на должност, затоа што физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија. Лицето било приведено во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава“ – велат на МВР.

Претходно „360 степени“ објави дека членот на обезбедувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, Ивица Б. рано изутрината нападнал колега полицаец кој извршувал службени дејствија, а веднаш по нападот бил лишен од слобода.

По приведувањето од опозициската ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека тој ќе биде отсранет од обезбедувањето на лидерот Христијан Мицкоски и дека нема да има никакви работни ангажмани поврзани со претседателот на партијата.

„Од она што ни е познато станува збор за лична нетрпеливост меѓу двајцата полициски службеници. Бараме органите, без заддршка да ги превземат сите потребни мерки за расветлување на настанот и најостро да казнат секaков вид на насилство, постапувајќи во согласност со законот“ – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Непотврдените информации се дека дека полицијата, во потрага по дрога, сакала да изврши претрес во познат скопски локал, но дека Ивица Б., кој бил внатре во објектот, се обидел да ја спречи акцијата, по што бил уапсен.

Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Митко Бомјацалиев, кој доаѓа од редовите на СДСМ, на социјалните мрежи напиша дека македонската историја не памети ваков случај на поранешен полициски функционер да нападне и спречи свој колега во извршување на службена дејност.

„Згрозен сум од чинот што се случи ноќеска кога колега полициски службеник нападнал друг колега пред угостителски објект којшто во тој момент извршувал службени дејствија. Напад врз полициски службеник е напад на држава! Истиот е лишен од слобода и повикувам внатрешна контрола и СВР Скопје да постапат соодветно и максимално професионално“ – напиша Бојмацалиев на социјалните мрежи.

Поврзани новости